Free songs
Home / Болести и лечење / Спречете ги болките во грбот

Спречете ги болките во грбот

Болките во грбот претставуваат еден од најчестите здравствени проблеми кај луѓето. Овој проблем се јавува кај многумина од нас, барем еднаш во животот.

Автор M-r Ph Марија Петреска /

Доколку не ја сватиме оваа болка сериозно, тогаш таа може да потрае и да премине во поголем проблем.
Со овој текст би сакале полесно да ја разберете анатомијата на грбот, најчестите причинители на болка во грбот како и неколку совети за тоа што можете да превземете за да ја спречите оваа појава.

Анатомија на грбот
На грбот се наоѓаат два многу важни дела, тоа се ‘рбетот и грбните мускули. Грбните мускули се прикачени за ‘рбетот, кој пак е составен од коски наречени пршлени кои меѓусебно се поврзани со таканаречени зглобови, а одделени со меки дискови. Овие делови му овозможуваат на ‘рбетот да биде флексибилен и имаат улога на „амортизери“ помеѓу пршлените, апсорбирајќи го стресот и вибрациите кои настануваат при одење и трчање. Во средината на ‘рбетот се наоѓа ‘рбетниот мозок, од кој излегува мрежа од нерви кои го поврзуваат мозокот со голем број на органи и мускули, вклучувајќи ги и оние на рацете и нозете.

Најчести причини поради кои се јавува болка во грбот
Најчеста причина за оваа појава се грчеви на мускулите на грбот кои може да се јават од едно обично нагло поместување. Овие грчеви предизвикуваат грбот да се „заклучи“ – појава која организмот ја регистрира како болка. Овие грчеви минуваат сами за краток временски период, но доколку не дојде до опуштање на мускулите тогаш е потребен третман како физикална терапија или одреден лек.

Подолготрајни болки во грбот настануваат најчесто по повреди на дисковите или пак зглобовите на пршлените. Дисковите по својата структура се меки, потсетуваат на сунѓер натопен со вода, но со стареењето на организмот или пак при некаква повреда, доаѓа до губење на водата со што дисковите стануваат крути. Оваа појава е позната како дегенерација на дисковите.
Со влошување на оваа состојба, доаѓа до соединување на двата краја од соседните пршлени на местото каде настанала дегенарација на дискот. Ова коскено ткиво со текот на времето расте се повеќе и почнува да притиска на околните нерви со што предизвикува болка во грбот  и слабост во рацете и нозете.
Што се однесува пак до зглобовите кои помагаат да се придвижуваат пршлените во различни насоки, можеме да наведеме дека тие лежат во една таканаречена вдлабнатина на самиот пршлен во која се наоѓа една синовијална течност која му го олеснува движењето на пршленот, односно народстки кажано, го подмачкува.  При појава на артритис или било каква дегенерација на рбетот, оваа течност престанува да се лачи, а тоа пак предизвикува болка во грбот и неправилно функционирање на зглобовите. Откако дисковите и зглобовите ќе ослабнат, пршлените почнуваат да се тријат едни со други предизвикувајќи искривување на рбетниот столб. Ова таканаречено подлизгување на пршлените е познато како спондилолистеза, а пак искривувањето на рбетот се нарекува спинална стеноза.

Сите овие промени на рбетниот столб познати се под едно име, како спинална спондилоза. Овие појави, забрзано се влошуваат кај личности кај кои е веќе дијагностициран реуматиден артритис или остеоартритис. Како резултат на сите овие дегенеративни промени се јавува болка во грбот, болки во нозете, вкочанетост и слабост, сето тоа поради зголемениот притисок врз нервите во рбетниот канал.
Со текот на времето, поради некоја повреда или пак дегенеративна промена дисковите почнуваат да ја менуваат својата форма. Доколку средишната и мека маса на дискот почне да излегува, тоа е појава која докторите ја дијагностицираат како дискус хернија.

Оваа маса која излегува, притиска на околните нерви, и како што кажавме и погоре, тоа доведува до чувсво на болка во грбот, вкочанетост на нозете и рацете, слабост.
На рбетниот столб се наоѓаат и таканаречени сакролитични зглобови, тоа се оние кои ги поврзуваат крајниот дел од рбетот, односно опашката и карличната коска. Такви се два зглоба, лев и десен.
За разлика од другите зглобови, како на пример коленото или лактот, овие два сакролитични зглоба не се толку подвижни. Доколку овие зглобови бидат изложени на повреда или било каква дегенерација, тогаш настанува многу силна болка која се регистрира во долниот дел од грбот, а понекогаш се јавува и болка во долниот дел на нозете.

Како да спречите појава на овие болки
Најдобриот начин да ја спречите оваа појава е да правите вежби кои се наменети исклучиво за рбетот и мускулите на грбот, 2 до 3 пати неделно. Тоа се вежби кои вклучуваат истегнување и зајакнување на грбот. Еве неколку вежби кои ќе ви помогнат:

Легнете на подот, подсвиткајте ги колената, рацете ставете ги под главата и почнете полека да се кревате . Задржете се во оваа позиција 10 секунди.

Вратете се во првобитната положба, легнете, повторно со подсвиткани колена, но овој пат кревајте ги нозете така што колената да ви се движат во правец кон градите. Кога ќе почувствувате доволна затегнатост на грбните мускули, застанете и задржете ја таа состојба исто така 10 секунди.
Повторно вратете се во првобитната положба, но овој пат ставете ги рацете покрај вашето тело. Потоа полека поткревајте го грбот со тоа што нема да ги поместите лактовите од земја, и оваа состојба задржете ја 10 секунди.

Овие вежби ги затегнуваат грбните мускули, со што се зголемува нивната сила да ги издржат секојдневните обврски, но доколку претходно сте имале било каква болка во грбот, разговарајте со вашиот доктор во однос на вежбите кои смеете да ги правите.

Уште еден мал и секако корисен совет за да ја избегнете болката во грбот и нозете. Додека сте на вашето работно место, почесто нека ви текнува да застанете или седнете исправено, доколку имате можност, истегнувајте ги вашите нозе почесто и избегнувајте долготрајно седење или пак стоење во едно место.
Чувајте ги вашиот грб и вашите нозе, тие се причината зошто човечкиот вид стои исправен, ја носат целата наша тежина и прават ние да функционираме беспрекорно.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top