Home / бабини рецепти / Како лечеле македонците во 19 век – лек за за понадвор, за сафра….

Како лечеле македонците во 19 век – лек за за понадвор, за сафра….

Лекови за љубов, мевлем за ќелави, лек за „све зло во серцето“, потоа лек за понадвор, за сафра, за човек што не може да држи та мочта му се испушта в гаќи, за поулавен човек, за човек од змија што го изела, за очи кога му фатиле перде, за шинато, за скршени коски како да се наместат со усул, за каснат од куче и лек за оној „кому му е запрена душата во градите“… сето ова го има како писмен доказ да сведочи за тоа како македонците се челувале во 19 век.

Шега настрана овие лекови се пренесувале од колено на колено, а некои од овие рецепти и ден денес се можеби и со поголем ефект од модерната медицина, барем за некои болести. Прочитајте без предрасуди некои од овие бабини лекови не џабе бил запишан и сочуван 200 години.

Во Македонија до денес се зачувани неколку ракописни книги со рецепти, таканаречени лекарственици од 19-ти век, напишани на македонски народен јазик со совети за лечење на разни болести, и како да се направат лековите. Последната пронајдена книга е Ракописен лекарственик од 33 листа со 88 рецепти, откриен во струмичкото село Пиперево, а напишан од учителот Ангел Георгиевич од Лазарополе, јавува Миа.

Во старите ракописни книги со рецепти, лекови и болести, пронајдени во Македонија, забележани се приближно околу 100 болести и лекови кои се подготвувале од разни билки, корени, плодови, чаеви, алкохол, маст, афионски катран, темјан, шеќер, оцет, мед, син камен, сумпор, камфор, јајца, нишадор и слично.

ЛЕК ЗА ГЛАВА КОГА СЕ МЕНУВА УМОТ

Најобемниот ракописен лекарственик во Македонија, наречен Зборник на народни лекови од 19-ти век, се чува во Историскиот архив во Велес. Тој содржи вкупно 140 рецепти испишани на 149 листови на македонски народен јазик. Меѓу рецептите можат да се најдат податоци за подготвување лекови за разни болести, како маџун за болен и изнемоштен, потоа лек за понадвор, за бодеж, за срце, за очи, за сафра или жолтица, за краста; лек против уплав, за дерт кога има во срцето и слично. Исто така, тука се запишани и комплетните состави на лековите за болки во главата кога на „човек му се менува умот“. А се лечел нормално со РАКИЈА.

За овој лек биле потребни 25 драма спирт-ракија, пет драма синапово семе, дванаесет драма к’на, три драма анасон, еден драм нишадор, еден орев, три драма канела и од две јајца жолчката, а рецептот е следен: „земи спиртот та го збркај сос јајцето, та оние нешта ги хчукај като брашно, па ги сипи у ракијата, па ги бркај доде стане каша, па ги сипи на сина крпа, та ги разреди на тенко, па хчукај канелата, та ја посипи одгоре во ракијата па му ја врзи крпата на челото та да седи така 12 сахати“.

Многу интересен ракописен лекарственик е оној напишан од свештеникот Јоанаки во 1884-та година. Ракописот беше пронајден во селото Ракотинци, скопско, а сега се чува во Архиепископијата на МПЦ во Скопје. Во лекарственикот се наоѓаат разни рецепти, како на пример, лек за кувет, за болен од стомав, за кашлица, за треска, за настинка или за против дамла.

Според рецептите што можат да се прочитаат во ваквите лекарственици, може да се види како македонскиот човек се лечел во минатото, но исто така тие даваат и можност за развој на алтернативната медицина, а особено е важно тоа што се напишани на македонски народен јазик од пред двеста години, што е од огромна важност за проучување на македонскиот јазик и неговите дијалекти.

ЛЕКАРСТВАТА БИЛЕ БАЗИРАНИ НА БИЛКИ, РАКИЈА И ВИНО

Лекарственикпт од 19-от век откриен во струмичкото Пиперево, има 33 листа, насловите се напишани со црвено мастило, а текстот на рецептите со црно.

Интересно е тоа што во него има по неколку рецепти за една болест, што значи дека има алтернативи во лекувањето.

Така, на пример, за кашлица, која во тоа време ја викале „тардуха“, според препораката на „докторот“ во лекарственикот, биле потребни „седум лути чушки, седум ореха, па ги спиј хубаво, па ги пресеј като брашно, па земи три смокви, па ги збркај и с’кцај заедно, па ги направи хапове като нахут, та да се гута вутрина, поручек и вечер кога се легне, по три хапа“. Со овој лек се лекувала кашлица.

Имало лек и за срце, а тој се правел со босилок, пелин, камилица, лук и нане. Потоа се земало ока и пол оцет, па сите тревки се ставале внатре и стоеле така три дена. Откако ќе се направел лекот, тој се „дозирал“ по десет капки во ока вино, па се пиело виното дури не оздрави срцето.

Исто така имало и многу ефикасен лек за „човек кому му крука коремо како жаба“.

Ако имал вакви проблеми со стомакот, болниот требало да го зема лекот направен од 100 драма спирт-ракија, значи многу јака ракија, потоа 100 драма зејтин, жалфија, нане и камилица. Во рецептот се вели: „земи ракијата и зехтино, та ги тури во едно шише, па збркај ги оние шеове заедно, па тури во шише чисто, па давај да пие по два драма доде сврше болештината“.

За кувет, пак, значи против малаксаност, против изнемоштеност, се правел специјален шербет, кој се подготвувал од пет драма канела, пет драма каранфил, еден драм орех, два драма шеќер, а сето тоа се толчело и се варело со една ока вода. Кога ќе се изладело, внатре се ставале 123 драма мед, па се пиело секое утро на гладно срце по еден филџан. Со овој лек се враќала силата, а потоа можеле да се завршат многу работи дома, но и надвор од куќата, во полето.

ЛЕК ЗА СТУД НА ТЕЛОТО

Мошне интересен е лекот „за студ кога го фане телото“, или со денешен речник кажано, кога човек ќе почне да се тресе без причина, сред лето, во горештина. Лекот можел да се направи брзо, затоа што биле потебни само една лубеница и една диња. Еве како Ангел од Лазарополе, учител во струмичкото село Пиперево, во 1870-та година го запишал овој лек во својот таен лечебник: „Земи та испечи една лубеница и една диња во фурната, та им земи водата, та ги в ред по снагата растри, па го завиј да се испоте, те ште му умине“. Така поминувал студот во телото.

Всушност, сите рецепти што биле запишани во ваквите лекарственици биле проверени многупати, затоа што се наследувале од луѓе кои претходно имале успех во лекувањето на одредена болест. Оттука, значи, таков би требало да биде и лекот, како што вели Ангел, „за жена де то нема млеко“, значи за жена која има бебе, ама нема млеко за да го надои. За да добие млеко, лекот бил многу едноставен. Се земало семе од копер, и семето да се столчи „хубаво, па го збркај сос мед или сос шеќер, та го јади како маџун на гладно срце по една лажица“. Со овој лек, ако може да му се верува на учителот со медицински талент, жената за неколку дена добивала толку многу млеко што не знаела што да прави со него.

МЕЛЕМ ЗА ЉУБОВ

Меѓу рецептите и лековите што заслужуваат посебно внимание, затоа што биле користени за болести кои се поврзани со главата, секако е и лекот за болен кој толку го боли главата „та не може да си ја дига“.

За таква страшна главоболка, Ангел од Лазарополе, Подготвувањето на лекот навистина било многу сложен процес, меѓутоа ефектот најверојатно ги оправдувал сите напори.

За да се направи лек за таква силна главоболка биле потребни 25 драма стопроцентна ракија, семе од синап, 12 драма к’на, боја за фарбање, потоа три драма анасон, еден драм нишадор, еден орех, три драма канела и две жолчки од јајце: „хчукај ги като брашно, па ги сипи у ракијата, па ги збркај доде стане като каша, па ги сипи на сина крпа, та ги разреди на тенко, па стави ја канелата, па му ја врзи на челото та да седи така 12 саати“, пишува во лечебникот.

Потоа дванаесет часа требало да се седи со врзано чело за да помине болката од која болниот не можел дури ни да ја дига главата. И болката, како што се вели во ракописот, исчезнувала како со рака однесена.

Лекот за човек кој не го фаќа сон со месеци бил поврзан со афион, каранфил и уште две-три други, егзотични тревки, кои можеле да се набават само во Стамбол.

Рецептот за овој лек се подговувал така што сите состојки се ставале во сто драма „хубава ракија“ и потоа му се давало на болниот по еден филџан, а „ако не му се преспие, ти дај му – се вели во ракописот – уште половина филџан од лекот и по него еден филџан вода и ќе му се преспие“, пишува на убав, народен македонски јазик.

И во Лазарополе бил пронајден лечебник со 56 рецепти за лечење на разни болести. И тој потекнува од 19-от век, и е напишан на народен македонски јазик. Друг лекарственик со мијачки дијалект е најден во Реканскиот крај. Тој има 70 рецепти, меѓу кои има и рецепт за лек за „жена што не лјубит мажа си“, лек против „раѓање деца недоносени“, за „некој ако нема жед“, потоа „мевлем за ќелав“ со кој за три недели пораснувала коса што може да се плете во плетенки, како и универзален лек за „ако не лубит мош жена или жена можа“, потоа лек за „све зло во серцето“, како и лек за оној „кому му е запрена душата во градите“.

3 comments

  1. Тој има 70 рецепти, меѓу кои има и рецепт за лек за „жена што не лјубит мажа си“, лек против „раѓање деца недоносени“, за „некој ако нема жед“, потоа „мевлем за ќелав“ со кој за три недели пораснувала коса што може да се плете во плетенки, како и универзален лек за „ако не лубит мош жена или жена можа“, потоа лек за „све зло во серцето“, како и лек за оној „кому му е запрена душата во градите“.

    VE MOLAM OBJAVETE GI I OVIE RECEPTI… Pozz

  2. pisejte na emaiil… br, telefon, ili receptite me interesira za kosa, kelavost,
    eve email..

    ice_gonev@yahoo. com

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top