Home / Болести и лечење / Заблудите и вистината за ишијасот

Заблудите и вистината за ишијасот

Таа појава се вика ишијалгија (поради зафатеност на нервен корен или корени што го сочинуваат ишијадичниот нерв). Обично тоа e последица на поместување на меѓупршленскиот дискус од своето лежиште и последично притискање врз нервот.

kako_se_leci_isijasНервот може да биде притиснат и од стеснување на своето лежиште од околните коскени структури. Тоа се вика стеноза. Оваа појава треба да се процени со детален невролошки, неврофизиолошки и радиолошки преглед. И покрај маката, кај пациентите постои страв од преглед и уште поголем страв од евентуалната потреба од оперативно лекување. Овој страв не е оправдан, затоа што хируршкото лекување на дискалната хернијација е потребно само кај помал број пациенти, и тоа кај тие со тегоби што сериозно го нарушуваат здравјето. Поголемиот број од овие пациенти се лекуваат со други методи (средство против болки, физикална терапија).

СИНДРОМИ

Проблемите поврзани со дискалната хернијација што бараат итна неврохируршка интервенција се:
– Синдром на коњска опашка (Sy caudae equinae), кој е сериозен неврохируршки проблем и се јавува како последица на притисок од некоја патолошка структура (обично е дискална хернијација) врз сноп нервни корени што потекнуваат од ’рбетниот мозок и тие се многу важни за функционирање на нозете и за други функции. При ваква состојба може да дојде до губиток на контролата за мокрењето и за големата нужда, слабост на нозете до нивна целосна неподвижност, затапеност на седалната регија.
– Синдром на „спуштено стaпало“ (слабост на дорзифлексијата) – болниот не може да го подигне стапалото, при одење ги влече ножните прсти по должината на подлогата. За да го подигне стапалото е принуден тоа да го направи индиректно, со подигање на потколеницата и натколеницата, што е доста напорно и несмасно. Управувањето на моторните возила на вообичаен начин е оневозможено поради неможност да се притисне педалот.
И двете состојби се итни неврохируршки заболувања: овие пациенти треба итно да се упатат на невролошки преглед, евентуално неврофизиолошки (доколку тоа може да се изведе брзо и ефикасно), да направат соодветна радиолошка верификација и лекување (хируршко) во неврохируршка установа. Најдобрите резултати се постигнуваат ако причината на болеста се отстрани хируршки во временски рок од 24 до 48 часа. Операцијата може да се изврши и по овој период, но со поскромни резултати и подолг период на рехабилитација.

ДРУГИ СОСТОЈБИ

Други состојби што не бараат итна неврохируршка операција но треба внимателно да се проценат за одредување на начинот на лекување: состојба со упорна болка по должината на ногата/нозете, која не се смирува и покрај соодветната терапија со средства против болки во времетраење од 6 до 12 недели. Со операција се постигнува обезболување и потоа пациентот може да се упати на физикална рехабилитација. Состојба со прогресивно невролошко влошување во текот на одреден временски период и покрај преземените мерки на лекување. Тука спаѓа и спиналната стеноза (стеснување на ’рбетниот канал), со знаци на интермитентна неврогена клаудикација (појава на грчеви или слабост во ногата/нозете, при што болниот мора да ја промени положбата или да застане и да се одмори).
Како заклучок, доколку ви се појави болка во крстот, која не се шири кон нозете, без проблеми со силата на мускулите и контролата на големата и малата нужда, мирувајте во домашни услови, избегнувајте седење, легнете си на рамна подлога и раздвижете се толку колку што ви дозволува болката. Можете да употребите некое средство против болка. Ако не се смират болките, или ако имате и дополнителни тегоби, јавете се на лекарски преглед. И внимавајте, самото исчезнување на болката не мора да значи дека проблемот е надминат. Понекогаш болката се смирува, но остануваат тешки последици: ако забележите проблеми со движењето на стапалата, силата на мускулите и/или контролата на малата и големата нужда, тоа треба веднаш да се процени, дијагностицира и лекува во соодветна неврохируршка установа.

Nova Makedonija

Лекување со вендузи
Коскени шилци – симптоми и превенција

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top