Пчелиниот отров, апитоксинот, е моќен лек за многу болести и неспоредливо поефикасен од стандардните синтетички лекови. Според истражувањата на угледни стручњаци, откриени се повеќе од 30 позитивни дејствувања на апитоксинот врз човековиот организам. Лекувањето со пчелин отров познато е од дамнина. Првите записи за неговата примена ги направил Хипократ, но се смета дека Египќаните во терапевтски цели го користеле уште пред 5.000 години.
Во истражувањата што се спроведени во светот, а особено во Русија, е забележано дека пчеларите имаат добро здравје и се многу подолговечни во споредба со другото население. Исто така, е забележано дека поретко заболуваат од тумори и од други автоимуни болести. Тој факт најмногу се поврзува со влијанието на пчелиниот отров бидејќи во текот на работата со пчелите пчеларите повремено го трпат и нивното каснување.
Апитоксинот е горчлива безбојна течност, која по составот е слична на змискиот отров. Оваа единствена супстанција се состои од 18 биолошки активни состојки, од кои за некои е сосема невозможно да бидат вештачки синтетизирани.
Овој отров е најефикасен кога се зема од живи пчели и тоа во периодот од доцната пролет до раната есен кога пчелите имаат на располагање изобилство од полен. Во зима нивниот отров не е толку моќен.
Количината на отровот што пчелата го внесува со едно боцкање приближно изнесува 0,1 мг. Многу малку луѓе се алергични на убодот од пчела, а малиот оток што се појавува на местото на убодот е сосема нормална реакција.
Како дејствува апитоксинот?
Пчелиниот отров има противоспалителни, антигабични, антибактериски и антипиретски својства. Во народната медицина одамна е познат како делотворно средство против ревма, а потоа е забележано дека е ефикасен за намалување на болките. Исто така, добро дејствува на зголемувањето на апетитот, при несоница, мигрена, за подигнување на енергијата и имунитетот. Се смета за одлична превентива од заразните болести.
Руските научници откриле дека има способност да ги шири крвните жили, со што се зголемуваат снабденоста со крв и размената на материите. Поради дразнењето, во истиот момент со убодот се активира и имунолошкиот систем, при што крвта почнува посилно да циркулира, а подобрата циркулација и поголемата оксидација го спречуваат развојот на бактериите.
Апитоксинот ги отвора ѕидовите на капиларите, со што му овозможува на организмот лесно и брзо да ги исфрли отпадните материи. На тој начин се забрзува метаболизмот, а телото се полни со кислород.
Терапијата со апитоксин се покажала корисна при:
– артроза и артритис;
– воспаление на нервите (невритис, ишијас);
– мултиплакс склероза;
– Паркинсонова болест;
– церебрална парализа;
– висок крвен притисок;
– зголемен холестерол;
– слаба циркулација;
– воспалени крвни садови;
– астма и алергија;
– уртикарија;
– рани и лузни;
– псоријаза;
– воспаленија на јајчниците и на јајцеводите;
– болести на зависност.
Акупунктура и апитерапија
Традиционалната кинеска медицина развила метода на лекување со убоди на пчели на акупунктурните точки. Сличен задоволувачки ефект може да се постигне со инјекции на апитоксин во ткивото или во акупунктурните точки.
Предноста на вториот начин е во можноста за контролирање на внесениот отров. Исто така, на пазарот има и масти и кремови што содржат апитоксин.
За примената на апитоксинот се користат и софистицирани техники, како што се електрофорезата и ултрасонофорезата (внесување на лековите со ултразвук), но тоа може да се прави само под стручен надзор.
Новите многу оптимистички истражувања на американските научници поврзани со наменското елиминирање на клетките на туморот вклучуваат и примена на пчелиниот отров со помош на медицинската нанотехнологија.
Статијава е интересна но првата фотографија каде е прикажан убод е всушност убод од ОСА а не од пчела. Го прочитав целиот текст но никаде не најдов образложение зошто на фотографијата е прикажана оса а се зборува за апитоксинот кој се добива од пчелите???