Home / аларм / Научниците открија можен живот по смртта – еве колку долго сме свесни по смртта

Научниците открија можен живот по смртта – еве колку долго сме свесни по смртта

Научници од универзитетот Саутемптон откриле докази дека човечката свест може да продолжи најмалку неколку минути по клиничката смрт – нешто што досега се сметало за невозможно.

zivot-posle-smrti-eben-aleksander-iii-1328585176-90973Смртта е неизбежна, но научниците сега веруваат дека откриле зрак светлина на крајот на тунелот. Најголемото медицинско истражување некогаш спроведено околу искуствата со смртта и вонтелесните искуства открило дека човечката свест може да продолжи иако мозокот е целосно изгасен.

Станува збор за прилично контроверзна тема што досега била третирана со општ скептицизам.

Меѓутоа, научниците од универзитетот Саутемптон цели 4 години испрашувале над 2.000 лица што имале срцев застој во 15 болници во Велика Британија, САД и Австрија.

Тие откриле дека речиси 40 отсто од луѓето кои имале срцев застој опишале некаков вид „свест“ во времето во кое биле клинички мртви, пред нивните срца да бидат повторно вратени во живот.

Еден човек се сеќава како целосно го напуштил своето тело и гледал како докторите го враќаат во живот. И покрај тоа што бил без свест и „мртов“ цели три минути, педесет и седумгодишниот работник од Саутемптон детално се сеќава на сите постапки на лекарите, па дури го опишал и звукот на машините.

„Знаеме дека мозокот не може да функционира кога срцето ќе престане да работи. Меѓутоа, во овој случај, свеста продолжила да постои во тие три минути, иако срцето цело време не чукало, иако по престанувањето на работата на срцето мозокот се гаси во рок од 20 до 30 секунди“, изјавил д-р Сем Парнија, лидерот на истражувањето.

„Човекот опишал сѐ што се случувало во просторијата, но што е уште поважно, тој слушнал две пиштења на машината што го прави звукот во интервали од три минути. Така можевме да дознаеме колку траело неговото вонтелесно искуство. Сѐ што кажа има кредибилитет и сѐ навистина се случило додека тој бил клинички мртов“, додал Парнија.

Иако голем број од пациентите не можеле да се сетат на специфични детали, одредени теми постојано се повторувале. Една петтина од пациентите изјавиле дека имале невообичаено чувство на мир додека речиси третина изјавиле дека протекот на времето бил забрзан или забавен.

Некои од пациентите тврдат дека виделе силна светлина или сонце. Други пријавиле чувство на страв или давење, 13 отсто кажале дека се почувствувале одвоени од телото, додека ист процент почувствувале дека сетилата им се засилени.

Д-р Парнија верува дека слични нешта почувствувале и голем број други пациенти кои биле на работ на смртта, но лековите или седативите користени при таа прилика ги спречиле да го запамтат искуството.

„Проценуваме дека милиони луѓе имале прилично изразени искуства во ситуации блиски на смртта, но научните докази се двосмислени во најдобар случај. Голем број луѓе мислат дека станува збор за халуцинации или илузии, но тие се поврзани со настани што навистина се случиле“, тврди Парнија.

Д-р Дејвид Вајлд, психолог од универзитетот Нотингем Трент се надева дека ова истражување ќе поттикне нови студии кои ќе се занимаваат со оваа контроверзна тема.

„Голем број од истражувањата се ретроспективни и одат до 10 или 20 години во минатото, но тука истражувачите барале примери и користеле навистина голем примерок, што на нивната работа ѝ дава дополнителна валидност. Постојат навистина добри докази дека овие искуства навистина се случуваат по клиничката смрт. И понатаму не знаеме што се случува по смртта и се надеваме дека ова истражување ќе ни помогне да дојдеме до нови научни откритија“, тврди тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top