Home / природен лек / Лекот е во природата

Лекот е во природата

„Оној што го познава начинот на лекување на луѓето, тоа да не го чува само за себе, туку во полна мера да го пренесе и на други“. Оваа парафраза нa св. Кирил буквално ја подразбира Живко Најдовски (57), познат лик од Широк сокак и чаршијата, еден од ретките битолчани кои добро ја познаваат моќта на тревките.

По години поминати со билките, Нaјдовски напиша книга токму за чудесната моќ на тревките „Лековити растенија ваш чудесен лек“. Книгата ја подготвувал пет години, и покрај сопственото искуство се послужил и со податоци од стручна литература. На околу двесте страници Најдовски за речиси секоја болест предлага природен лек. Препознавањето на билките совршено се доближени до читателот со фотографии распоредени по азбучен лек според народното име на билките. Опишан е изгледот на растението, каде расте, како се одгледува и како да се употребува.

zivko trevar bitolaЗа неговата работа преку „Фејсбук“ прочитале многу луѓе. Па така билните чаеви на Најдовски стасаа до Австралија, Америка, Нов Зеланд па дури и во Индија.

„Со оваа моја книга сакав лековитите растенија да ги доближам до луѓето. Народот во овие времиња е многу оддалечен од природата, а брзиот начин на живот е предуслов за многу тешки болести. Затоа инсистирам да се свртиме кон природата и да го најдеме патот кон лековитите билки“, вели нашиот тревар.

„Мојата опсесија со билките е одамна“, раскажува Најдовски, чие потекло води токму од височините на демирхисарските планини.

„Јас потекнувам од село Големо Илино, Демихисарско, планинско село и уште од најрана возраст таму луѓето се занимаваат со собирање лековити растенија. Така и јас од дете собирав билки, ама тоа беше од егзистенционални причини. Најмногу собирав смрека, кантарион, боливач, печурки, сето она што се откупуваше“, раскажува треварот.

Најдовски е поранешен полицаец, своевремено и началник по аналитика, по пензионирањето во 2006 година целосно се посветува на билкарството. Аналитичноста комплетно ја применува и во неговата нова животна опсесија, ги истражува билките, препознавање, собирање, употреба на лековитите растенија, алтернативната медицина.

Сепак, Најдовски вели дека од Баба Планина и Пелистер нема побогата територија со билки, особено со лековити растенија, и како што самиот заклучува „нема што нема на Пелистер“.

Така искуството на Најдовски покажува дека за билката оман или воловско око која е исклучителен лек против кашлица и цревни паразити, глисти па и дијабетес, можете да ја наберете во Ниже Поле покрај реките, таму на тие локации ја има и зајачка шепа, која се користи за зајакнување на организмот, слабо срце и слаби нерви.

Едно од најретките растенија во Македонија, бисерок, кое се користи за запирање на крвавење во внатрешните органи, иако може да се најде во десетина варијанти, сепак најубавата сорта вирее токму на Пелистер.

Во просторите околу Големо и Мало Езеро расте мајчина душица, кај местото викано Болници ги има брусницата, боровинката, додека во пониските краеви на планината – кантарионот, боливачот. На неплодни и кисели земјишта вирее тревката вресок која во народната медицина се употребува како седатив за смирување на нервниот систем.

Апче или тревка е вечната дилема за секој болен? Искусниот тревар вели дека нашиот народ многу верува во лековитите својства на билките, и дека не треба многу да се убедува дека едно растение може да му помогне во лекувањето на болеста. Сепак искуството покажува дека во билките уште повеќе се верува кога лекарите тоа ќе им препорачаат на болните.

Меѓу тајните на својот занает Најдовски открива дека исклучително важно е да се проучат лековитите растенија и нивните карактеристики пред да се соберат. Потоа исто така значајно е времето кога треба да се собира билката и тоа подразбира дека цветовите и лисјата се собираат во време на цветање, плодовите кога се зрели, а кората во пролет. Својството на листовите е најјако околу Петровден, а коренот се збира наесен или во рана пролет. Потоа растението се суши во темно и на провев, а се собира најчесто во хартиени кутии, иако како што вели Најдовски, има растенија кои собираат влага, па се складираат исклучиво во најлонски кеси.

За него секоја тревка не е лек. Во својата книга издвоил околу 260 лековити билки, иако добро познава и двојно повеќе. Но како што тврди, сите не можат да се користат во народната медицина.

Едно непишано правило вели, никој не би требало сам да се лекува со билки. Голем број од лековитите растенија во исто време се и отрови. Затоа Најдовски предупредува дека неправилната употреба може човек, живот да го чини.

„Вратиката колку што е лек толку е и отров. Таа се користи за хронични болести на уринарните органи, против главоболка и мигрена, но е многу отровна билка. Може да предизвика крвавење, абортус и да заврши фатално. Затоа оваа билка не смее да се користи на своја рака. Исто така црвената детелина не смеат да ја користат бремените жени и децата иако има антиканцерогени својства“, предупредува треварот.

Последниве години како мода еден од најпопуларните чаеви по битолските кафулиња е чајот од брусница. Иако многумина веруваат во неговото лековито дејство, сепак, малкумина се тие што знаат од што болести лекува брусницата. Затоа, пак, Најдовски напишал: чајот се користи против воспаление на мочните органи, бубрезите, болести на цревата и желудник. Треварот го открива она што можеби малкумина го знаат, пред да се консумира брусницата, да се испие малку сода бикарбона за подобро дејство на лекот.

Поаѓајќи од онаа народната „здравиот човек има многу желби, а болниот само една“, Најдовски и на крај порачува – лекот е во природата. Тоа добро го потврдува и преку неколку верувања и народни поговорки. Жените кои пијат чај од расник или конопиљка раѓаат многу деца, мажите што пијат бабин заб немаат проблеми со машкоста, а лекува и машки и женски стерилитет. Пречицата може да подари живот, а кога би знаеле колку е корисна копривата, во нивите не би се одгледувало ништо друго освен коприва. Црвениот кантарион Аристотел го нарекол жолчка на земјата, а тревата ива и од мртвo прави живo.

Повеќе на Утрински весник 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top