Сепсата или труењето на крвта е болест, односно вид на инфекција, со која се борат и најсовремените клиники, а проблем е комплицираното поставување на дијагнозата и лошата хигиена.
Причинителите на болеста доаѓаат во крвта и ги напаѓаат органите. Здравиот организам полесно се бори со тие напади, но кај лицата со слаб имунитет, кај повозрасните пациенти или оние кои брзо имале тешка операција, состојбата е поинаква. Посебно се чувтсвителни пациентите кои се на подолготраен третман, како што е хемотерапијата.
Проблемот кај сепсата е што причинителот на болеста не напаѓа само еден орган, туку преку крвотокот се шири низ цело тело.
Експертот за сепса Франк Мартин Брункхорст од Универзитетската клиника во Јена истакнува дека е тешко веднаш да се препознаат трагите на надојденото труење на крвта.
– Во еден момент пациентот е стабилен, само со температура, а потоа набрзо почнува да блада и да паѓа во кома. Потребно е многу искуство за сепсата да се препознае веднаш, наведува Брункхорст, додавајќи дека голем број на лекари од итна помош немаат такво искуство.
Две третини од сите случаи на сепса се појавуваат во некоја болница.
– Модерната медицина е во состојба да го подобри животот. Но се покомплицираните операции често оставаат големи рани, кои се идеално место за развивање на бакериите и причинителите на воспаленија, изјави германскиот експерт.
Најважни се моментите по појавата на првите симптоми. Ако сепсата се дијагностицира веднаш, можноста за преживување е 80 отсто. Само по шест часа шансите се намалуваат на само 30 проценти.
Само во Германија секоја година од сепса заболуваат 60.000 лица, а на светско ниво тој број се проценува на осум милиони.