Сите знаеме дека грбот може да н` боли поради секојдневното повеќечасовно седење на работа, дека главата ни пука од болка поради стресот или дека лошо се чувствуваме поради тоа што јадеме премногу откако ќе прескокнеме еден или два оброка. Но причините на болката може да бидат сосема неочекувани, на пример, од паричникот, диетата што ја држиме или од фризурата. Еве што сè може во секојдневниот живот да ни предизвика болка:
Возењето
Многу луѓе во автомобил седат неправилно. На пример, ако седиштето ви е предалеку поставено, подгрбавено ќе се наведнувате напред истегнувајќи и кривејќи го вратот за да можете цврсто да го држите воланот. Ваквата положба со сигурност предизвикува болки во вратот.
о Решение: Наместете го седиштето во исправена положба за да ви бидат потпрени главата и долниот дел од грбот. При ваквото седење рацете треба да се благо свиткани и опуштени.
Излежување пред телевизорот
И одморањето може да ни предизвика болка. Ако често лежите на каучот со главата свртени кон телевизорот, заземате положба која е идеална за да добиете болки во вратот, а “џек-потот” ви е загарантиран ако уште и заспиете во ваквата положба.
о Решение: Заземете правилна положба и кога се опуштате. Седнете исправени на каучот и обрнете внимание екранот на телевизорот да е поставен превисоко или прениско во однос на линијата на вашиот поглед.
Навики при спиењето
Ако секое утро се будите со болки, размислете во каква положба обично спиете. Луѓето што спијат на стомак може да си го истегнат вратот, додека, пак, оние што спијат на страна со раката под глава може да го оптоварат и да си го истегнат рамото, а раката да им отрпне.
о Решение: За најсигурна положба се смета спиењето на грб или на страна, но со раката под нивото на рамото. Ако спиете на страна можете да ставите и перница помеѓу колената за да обезбедите подобра потпора за долниот дел од грбот.
Паметни телефони
Имате мобилен телефон на кој може да пишувате, да сурфате, да играте игри? Тоа автоматски значи и огромна помината километража за вашите прсти, особено за палците. Лекарите сè почесто дијагностицираат артритис во базата на палецот кај пациентите помлади од 30 години.
о Решение: Ако чувствувате болка во палците, веднаш престанете да типкате на телефонот. Ако болката е трајна, искористете го телефонот за да си закажете преглед на лекар каде што може да добиете соодветна терапија за проблемот.
Паричникот
Овој проблем главно го имаат мажите што имаат навика да го носат паричникот во задниот џеб на панталоните, што може да им предизвика остра болка во грбот и во задникот, па сè до силна болка по должината на ногата. Кога се носи во задниот џеб, паричникот може директно да го притиска бедрениот (ишијалгичен) нерв и да го иритира секој ден. Дебелиот паричник, пак, може да ве присили лесно да го кривите ‘рбетот и на тој начин да предизвика мускулна напнатост.
о Решение: Извадете го паричникот од џебот пред да седнете, особено ако треба да возите.
Активните видеоигри
Видеоигрите што симулираат движења од разни спортови може да доведат до вистински спортски повреди. Пасионираното играње такви игри предизвикува секаков вид повреди – од шинувања до истегнување на лигаментите и скршени коски.
о Решение: Добро истегнете се пред играњето и обезбедете си доволно простор за игра за да не удрите или не се сопнете од нешто. И не занимавајте се со овие игри повеќе отколку што би поминале време со вистинскиот спорт.
Фризурата
Цврсто затегнатата и врзана коњска опашка може да предизвика главоболки, особено кај луѓето што им се склони. Лицата што страдаат од мигрена посебно се чувствителни на појави кои за другите не се никаков проблем, како што се тешките капи, лентите околу главата, косата сплетена во плетенки…
о Решение: Не затегнувајте ја косата и не покривајте ја главата.
Лаптопот
Ако го носите лаптопот наоколу како дополнителен екстремитет, веројатно ќе напрегнете некој дел од телото. Ако го носите во рака, ќе ја оптоварите подлактницата што може да доведе до појава на т.н. тениски лакот, а ако торбата ја носите преку рамо, може да добиете болки и во рамото и во грбот.
о Решение: Ако никако не можете без преносен компјутер, тогаш барем набавете го најлесниот модел.
Пијалаците
Кај пијалаците алкохолот е главна причина за болките. Црвеното вино, вискито, пивото и шампањското се главна причина за пулсирачката болка во главата.
о Решение: Намалете или воопшто не пијте алкохолни пијалаци.
Прескокнување на оброците
Ваквата навика само ќе ви го спушти нивото на шеќерот во крвта, што кај некои луѓе може да предизвика силна главоболка, дури и многу пред да сфатат дека се гладни.
о Решение: Јадете во правилно распоредени оброци. За брзите залачиња изберете комбинација од протеини и интегрални житни зрна.
Сирењето
Љубителите на сирењето треба да бидат внимателни бидејќи токму нивната омилена храна важи како причина за некои главоболки. Старите сирења, односно оние што долго созреваат, како што се чедар, фета, моцарела или пармезанот, содржат тирамин, молекул кој може да предизвика главоболка, течење на носот, кожни исипи. Тираминот го има и во некои месни преработки и во некои пијалаци. о Решение: Водете дневник за исхраната за полесно да ја откриете врската меѓу она што сте го изеле и главоболката. Само така може да дознаете каква храна треба да избегнувате.
Неправилно кревање товар
Една од главните причини за болка во грбот е неправилното кревање тешки предмети. Вообичаена грешка е свиткувањето нанапред за да се дофати предметот и потоа наглото исправање – со таквото движење грбните мускули го преземаат целото оптоварување. А свиткувањето додека се исправате е дополнителен проблем.
о Решение: Правилно ќе го фатите предметот ако клекнете со исправен грб, дури потоа го земете товарот и се подигнете со силата на мускулите од нозете, полека исправувајќи ги колената и колковите.
Работното место
Ако со часови седите до бирото, добро размислете за положбата на телото. Лошо поставената работна маса ќе ве принуди да се згрбавите истегнувајќи ги вратот и грбот. А превисоко или прениско поставениот монитор е напорна варијанта за вратот.
о Решение: Наместете го мониторот така што горниот раб од екранот да би биде во висина на очите. Ако треба потпрете го долниот грб од грбот со перниче.
Тастатурата
Ако на работа многу пишувате на компјутер, имате ризик да го добиете синдромот карпален тунел. Настанува поради зголемениот притисок на нервот medianuѕ во рачниот зглоб поради што се јавуваат болки и вкочанетост и трпнење во шаката и во зглобот. Ваквата состојба веројатно ќе се развие ако го виткате рачниот зглоб за да работите на тастатурата.
о Решение: Наместете ја тастатурата така што шаките и зглобовите да ви бидат во исто ниво со подлактниците додека пишувате. Или уште подобро, користете ергономска тастатура.
Вашето бебе
Едноставното движење како што е подигнувањето на бебето од креветчето повеќепати во денот може да доведе до воспалителна болест на тетивните обвивки на некои мускули на подлактницата и на шаката. Настанува поради постојаното повторување на оптоварувачките движења, а карактеристична е по болките и по отоците на рачните зглобови и на палците.
о Решение: Кревајте го детето без да ги напрегате рачните зглобови – спуштете ја оградата на креветчето, ставете ги рацете под грбот на бебето и задникот и кренете го со употреба на посилните мускули на рацете.
Дете на раменици
Класичната семејна забава – весело трчкање наоколу со воодушевеното дете на раменици, може да биде причина за болка во вратот и во рамениците.
о Решение: Наместо да го кревате детето од земјата, седнете во фотелја или на клупа и тогаш дури детето нека се качи на рамената.
Синдромот на викенд-воин
Ако целата работна недела ја поминавте седејќи, а потоа в сабота и в недела неумерено се занимавате со спорт, можеби и вие сте викенд-воин. Ваквата изненадувачка ерупција на активност е лоша за неподготвените мускули, кои може лесно да се повредат и да се истегнат.
о Решение: Почнете со 10 минути одење или некоја друга лесна вежба за загревање и, секако, истегнете се по спортот додека мускулите се уште загреани. Преку неделата одвојте секој ден по неколку минути за тренинг на мускулите кои најмногу ќе ги активирате во текот на викендот.
Силните мириси
Лекарите сè уште не знаат зошто, но силните мириси многу често се повод за мигрена. Ова се однесува на одбојните мириси, како мирисот на боја или на чад од цигари, но и на пријатните, како што се цветните или мирисите од парфемите.
о Решение: Откријте кои мириси ви ја зголемуваат главоболката и настојувајте да ги избегнете.
Чкрипењето со забите
Болната вилица во комбинација со тапа главоболка може да значи дека во сон чкрипите со забите или дека пресилно ги стискате. Ако пречесто чкрипите со забите, болката нема да ви биде единствениот проблем бидејќи на тој начин можете да ги оштетите забите, вилицата, па и слухот.
о Решение: Одете на забар – забите може да се заштитат со посебни штитови.
Стресот
Стресот придонесува за огромен број болки и проблеми. Многу луѓе што се под стрес имаат напнати грбни мускули, што може да прерасне во хронична болка. А стресот е причина и за повеќето тензиски главоболки.
о Решение: Редовно спроведувајте некоја метода за опуштање, како медитацијата или јогата.
Кога итно се оди на лекар
Побарајте итна медицинска помош при:
– болки во градниот кош;
– остри, силни главоболки и вкочанет врат;
– повреди;
– болки во комбинација со слабост и голема истоштеност;
Секоја хронична болка треба да биде под лекарска контрола, особено ако е поврзана со вашата работа, активностите и со животните навики.
Дневник.мк