Постојат неколку моменти во кои веројатно пилулата за ден потоа е најдобрата опција за вас. Можеби за време на односот ви пукнал презервативот, сте заборавиле да ја испиете редовната контрацептивна пилула или сте направиле погрешна пресметка за вашата овулација. Во секој случај, оваа пилула е активна во текот на пет дена од незаштитениот однос и го спречува настанувањето на непосакувана бременост. Еве што се’ би требало да знаете пред да ја испиете:
Како функционира пилулата за ден потоа?
Таа содржи големо ниво на хормони (најчесто хормонот прогестин, но понекогаш содржи и естроген) кои ја запираат овулацијата. Со тоа се спречува ослободувањето на созреаната јајце клетка, па на тој начин значително ги намалува шансите за бременост.
Сепак, очекувајте и непосакувани ефекти
Откако ќе ја испиете пилулата, во наредните 24 часа може да почувствувате одредени несакани симптоми, меѓу кои спаѓаат мачнините, болката во долниот дел од стомакот, силни главоболки, нагони за повраќање, неподнослива исцрпеност и зголемена чувствителност на дојките.
Малото крварење е нормална појава
Големи се шансите да ви се случи таканаречен атипичен период кој вклучува и кратко крварење. Меѓутоа, ако крварењето потрае повеќе денови и наместо да се намалува тоа е се’ пообилно, тогаш задолжително посетете го вашиот гинеколог.
Како влијае пилулата на вас?
Пилулата има различен ефект кај сите жени. Некои не чувствуваат никакви промени, додека пак кај други хормоналната терапија може да направи големи промени во секојдневието. Најдобро е неколку дена по земањето на пилулата да одморите и да ги следите промените на вашето тело.
Не ја користете пилулата за ден потоа како редовна контрацепција!
Оваа пилула инаку нема трајни ефекти, но сепак не смее да се користи премногу често. Земете предвид дека станува збор за итна контрацепција, а практикувањето на безбеден секс е секогаш најдобрата опција за вас и вашиот партнер.
извор/КАРМИН