Триесет и пет годишна пациентка добила рак на грлото на матката иако предходно имала направено три пап-тестови и тие биле негативни, односно со нив не било утврдено дека кај на неа има промени на клетките што би укажале на развој на карцином.
Малигната болест била во толку напредна фаза што дури и немало можност за да се оперира, туку жената била испратена прво на зрачна терапија на Клиниката за онкологија. Неодамна Здружението на матични гинеколози ги проблематизираше резултатите од пап-тестовите што се анализираат на Клиниката за гинекологија. На прашањето, како можело да се случи после три негативни тестови жената да заврши со напреден карцином, гинеколозите објаснуваат дека кога е во прашање точноста на пап-тестовите, клучно е дали е доволно стручен тој што го анализира земениот примерок. Некои гинеколози велат и дека овие тестовите се веќе застарена метода, а скрининг за рак на грлото на матката треба да се прави со тестирање на хуман папилома вирусот (ХПВ), бидејќи неговите високоризични типови најчесто предизвикуваат карциноми што брзо се шират.
Има многу случаи во кои после неколку негативни пап-естови, како „гром од ведро небо“ ќе се јави карцином на грлото на матката.
– Не секогаш пап-тестот дава реална слика. Треба почесто да се направи колпоскопија и да се зема биопсија ако се види некое сомнително ткиво за да имате точна информација за тоа дали пациентката има рак или не. Но кај нас матичните гинеколози немаат право да земаат биоспии, туку тоа се прави само во болниците, што ја усложнува процедурата. Колегите од другите земји што работат како матични ни се смеат заради овој проблем – вели еден матичен гинеколог.
Од Здружението на приватни гинеколози не сакаат да дадат коментар за овие случаи. Во однос на нивната забелешка дека премногу пап-естови од Клиниката за гинекологија се враќаат како негативни во споредба со тоа какви резултати добиваат од другите цитолошки лаборатории, велат дека немаат што да додадат. За неколку дена Здружението ќе има уште еден стручен состанок, по кој ќе излезе со нов став.
Матичните гинеколози се сомневаат дека човечкиот фактор, односно недоволната стручност на овие што ги анализираат пап-тестови на Клиниката за гинекогија е причината заради која има премногу негативни резултати.
– Ние го известивме и Министерството за здравство за она што сме го забележале и тоа требаше да утврди каква е реалната состојба – велат од здружението.
– Пап-тестот како метода за скриниг на рак на грлото на матката има грешка од 20 до 40 отсто, па затоа имаме податок дека 2/3 од инванзивните карциноми во САД се заради оваа грешка. На точноста на папот влијае начинот на кој е земен, како е конзервиран, како е анализиран, но самата метода има висок процент на грешка поради што ова се смета за застарен метод. Во повеќето земји се воведува ХПВ тестирање како примарна метода за скриниг на рак на грлото на матката – објаснува гинекологот Горан Димитров кој е претседател на Македонското лекарско друштво и е вработен на Клиниката за гинекологија.
Во Министерството за здравство прашавме каква контрола на хистопатолошките лаборатории прават во земјава и дали се размислува да се воведе ХПВ тестирање како примарен метод за скриниг, но одговор не добивме.
PlusInfo.mk