Free songs
Home / Болести и лечење / Наглите промени на времето и здравјето: Вртоглавица, мигрена, висок притисок

Наглите промени на времето и здравјето: Вртоглавица, мигрена, висок притисок

Наглите промени на времето не им годат на луѓето со кардиолошки у пулмолошки проблеми. Падот на атмосферскиот притисок предизвикува намалување на количината на кислородот во организмот, а тоа доведува до „недостаток“ во срцевиот мускул и мозокот.

glavobolka-300x199Наглото затоплување, па наглото заладување, пришто дневната температура осцилира и за повеќе од 10 Целзиусови степени, секако влијае на здравјето. Од метеоролошките реакции најчести се вртоглавиците, главоболките, болките во коските и зглобовите, а стручњаците предупредуваат дека посебно претпазливи треба да бидат оние со болести на срцето, крвните садови и белите дробови.

– Со промената на барометарскиот притисок, температурата и влажноста на воздухот, може да дојде до влошување на состојбата кај астматичарите и хипертоничарите – вели д-р Нада Мацура, кардиолог. Кога ќе залади најмногу повици упатуваат срцевите болни со болки во градите, бидејќи тие реагираат на студено, ветровито време, што може да предизвика ангина пекторис и евентуални влошувања.

Наглото заладување предизвикува спазам на крвните садови кој може да доведе до хипертонични кризи, а поради падот на атмосферскиот притисок доаѓа до намалување на количината на кислородот во организмот, што доведува до негов недостиг во срцевиот мускул и мозокот. Од тегобите може да се појават болка во градите и главата.

Зголемената влажност и силниот ветар лошо се одразуваат и на состојбата на кожните болести. Хронично болните можат во овие денови да бидат изморени и безволни, деконцентрирани, а лицата со понизок притисок веројатно ќе се чувствуваат сонливо и забавено. Оние коишто имаат проблеми со коскено-зглобниот систем можат да почувствуват болки и грчеви во мускулите.

Во зависност од влијанието на времето, постојат 13 групи на луѓе кои се мошне чувствителни на временските прилики, велат стручњаците. Најизразени тегоби имаат ревматичарите, астматичарите, срцевите болни со ангина пекторис и хипертензија (висок крвен притисок), лицата кои имаа чир на дванаесетпалачното црево и желудникот, и заболените од разни психички тегоби, пред сè, од психоза.

Астматичарите, на пример, ќе почувствуваат и реагираат од три до 48 часа пред да следува наглата промена на температурата. Поради тоа треба да ја следат биопрогнозата, за да можат, со совет на лекар, со што помалку тегоби да ги пребродат промените на времето.

Временските промени се физиолошки стрес на кој организмот се обидува да се адаптира, а телото на здрав и телото на болен човек различно реагира. Во вакви ситуации треба да се почитува едноставното златно правило – умереност. Треба да се ограничи физичката активност, и не треба да се претерува со исхраната, особено не со мрсните и солените јадења.

Доколку е потребна корекција на терапијата, може да се јават кај својот лекар.

– Најчесто дозата треба да се корегира кај лицата кои имаат висок крвен притисок. Ние не можеме да промениме некој лек, тоа мора да го направи лекарот кој води сметка за пациентот, но можеме да дадеме совет ако треба да се намали или зголеми дозата – вели д-р Мацура.

Промените на времето влијаат и на децата

Наглите промени на временските прилики влијаат на физиолошката состојба на малите деца чиј организам сè уште не е адаптиран на надворешните услови, кај младите во пубертет поради хормонални промени, како и кај трудниците и жените во менопазуа. Тегобите се поизразени и кај постарите лица, но и кај оние кои имаат остеопороза или некоја ревматска болест.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top