Home / Болести и лечење / Зголемен број на мозочни удари – брза реакција е клучна

Зголемен број на мозочни удари – брза реакција е клучна

Во првите шест месеци од годинава се евидентирани 4.036 пациенти со мозочен удар, што е зголемување за 19,8 проценти во споредба со истиот период лани кога бројката изнесувала 3.367 пациенти.

simptomi-mozocen-udar-23Здравствените власти предупредуваат на зголемен ризик од појава на мозочен удар поради високите температури и укажуваат дека во таков случај е клучно раното пристигнување на пациентот во здравствената установа со цел навремено примање терапија, пренесе МИА.

Од минатата година со воведениот проект за примена на тромболитична терапија при третман на лицата со мозочен удар, според министерот за здравство Никола Тодоров, има многу позитивни примери. За една година таква терапија е аплицирана кај околу 100 пациенти, имајќи предвид дека повеќе од 80 проценти од мозочните удари се од исхемичен тип и потребно е аплицирање на оваа терапија. Во системот „Мој Термин“, пак, во последниве две години евидентирани се 11.310 пациенти со дијагнозата церебрален инфаркт.

Кај 31-годишна пациента  донесена  во Ургентен центар во  ГОБ 8 Септември со знаци на мозочен удар, одземеност на десната рака и нога и одземен говор терапијата била аплицирана во рок од еден час. Уште во тек на примање на терапијата, како што рече Тодоров, имало подобрување со враќање на способноста за движење најпрво на десната нога, а потоа и раката, а пациентката ја напуштила установата во добра општа здравствена состојба.

– Клучен момент е раното пристигнување на пациентот во здравствената установа со цел навремено аплицирање на терапијата, а со тоа и спасување на човечкиот живот и подобрување на квалитетот на живот на пациентот. Подеднакво важно е лекарот каде пациентот првично се јавил на преглед да ги препознае симптомите на мозочен удар и да го упати пациентот во Центарот каде се аплицира тромболитична терапија или самиот да ја започне иницијалната интравенска терапија со тромболиза доколку е едуциран во областа, рече Тодоров, истакнувајќи дека е голема штета терапијата да не се аплицира само затоа што пациентот задоцнил со приемот.

Согласно препораките од European Stroke Organization и American Heart Association, оваа терапија се аплицира во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите на мозочниот удар.

Во сите јавни здравствени установи, како што информира Тодоров, веќе е дистрибуиран постер со препораки за препознавање на симптомите на мозочен удар, базиран на препораките FAST (Face – Arm – Speech – Time), што Министерството за здравство го изработи во соработка со Универзитетската клиника за неврологија.

Според д-р Венко Филипче, кај  60 до 70 проценти од пациентите со мозочен удар може да се постигне во некои случаи и спектакуларен резултат, првин да се спаси животот, а понатаму да се намали степенот на инвалидитет.

– Во сите развиени земји се води голема кампања и  до населението мора да стигне пораката дека и најмал  знак на мозочен удар,  искривување на лицето, слабост на одредена рака или нога или проблем со  говор е црвен сигнал оти  во најкраток рок мора да се јават во болничка установа и да бидат транспортирани на Невролошката клиника во Скопје или во ГОБ „8 Септември“, рече д-р Филипче, пренесе МИА.

Министерот Тодоров потенцира дека воведувањето на ендоваскуларните третмани (тромболитична терапија и тромбектомија) овозможуваат бенефит и од финансиски аспект, како за државниот, така и за буџетот на семејствата. Претходно, како што рече, овие пациенти најчесто се испраќаа на лекување во Турција и Грција и во просек цената на лекување изнесуваше 25.000 евра.

Во светски рамки, мозочниот удар e трет на листата на причинители на смрт, после кардиоваскуларните и малигни заболувања. Статистичките податоци покажуваат дека за околу една третина од пациентите мозочниот удар е фатален, додека кај повеќе од 60 проценти од пациентите кои преживуваат, мозочниот удар остава трајни последици по нивната психофизичка состојба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top