Како да не е мај, коментираат матичните лекари. Ординациите им се полни со пациенти со вирусни и бактериски настинки, инфекции на горни или долни дишни патишта, но и со стомачни вируси.
Доаѓаат со болни грла и гнојни чепови, најчесто предизвикани од стрептококни бактерии. Пациенти е полно и по болниците и клиниките. А временските услови, дождот што врне веќе неколку недели, а потоа силното сонце, ги полнат и болниците за деца, пишува Нова Македонија.
Честите врнежи и влажното време ги размножуваат вирусите. И Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле е преполн со болни дечиња – врнежите, а потоа влагата кога нагло ќе се затопли, влијае на здравјето, особено кај децата. Во установата се згрижени многу деца потешко болни со тешки, масовни пневмонии, опструкции -отежнато дишење.
Лекарите советуваат здрава исхрана, повеќе овошје и зеленчук, цедени сокови од нив, како и физичка активност.