Потрошувачката на свинска маст заедно со останатите животински масти опадна во последните 40 години благодарение на истражувањата за заситените масти во нашата исхрана кои се главна причина за појава на високиот холестерол и срцевите болести.
Меѓутоа, доколку ја консумирате на адекватен начин и со неа не претерувате, свинската маст може да биде сојузник за вашето добро здравје. Свинската маст е маст добиена од топење на свежо, чисто масно ткиво од здрави свињи, со свински стеарин или без него.
За најдобра маст се смета она која е минимално обработена, од подрачјето на свинскиот стомак и бубрег или грбот. Покрај ова поквалитетна свинска маст, маста се добива и со топење на салото што е земено од разни внатрешни органи на свињите.
Не содржи опасни трансмасни киселини
Бројни студии покажале дека прекумерниот внес на масти, најпрво оние со поголема содржина на заситени масни киселини, ги зголемуваат нивоата на холестерол во крвта и се ризичен фактор за развој на атеросклероза како и за некои хронични дегенеративни болести.
Како „здрава“ замена на путерот и на свинската маст е создаден маргаринот, кој неупатените го сметаат за продукт врз база на билни масла. Меѓутоа, тој содржи трансмасни киселини штетни за здравјето.
Денес може да се каже дека тврдиот маргарин е поопасен за појава на срцев удар отколку свинската маст, која практично ја исфрливме од исхраната, велат нутриционистите. Да, свинската маст содржи незаситени маснотии и холестерол, но не ги содржи многу опасните трансмасни киселини. Тие ги креваат нивоата на „лошиот“ ЛДЛ холестерол и го намалуваат нивото на „добриот“ ХДЛ холестерол.
Докажано е дека трнасмасните киселини се штетни за човековото здравје и придонесуваат за опаѓање на имунитетот, појава на дебелина, шеќерна болест (дијабетес), зголемено ниво на холестерол и за развој на болестите на крвните садови.
Холестеролот под влијание на УВ зраците се претвора во витамин Д
Овој витамин учествува во апсорпцијата на калциумот, кој е потребен за раст и за одржување на здравите коски. Меѓутоа, не треба да претерувате бидејќи поздрава опција е млекото, од кое можете да обезбедите доволно витамин Д.
Новите истражувања покажуваат дека свинската маст не е само богата со заситени масни киселини и со холестерол. Свинската маст има околу 40 отсто заситени масти, околу 50 отсто мононезаситени масти (најмногу олеинска и палмитолеинска) и околу 10 отсто полинезаситени масти (линолна, линоленска, арахидонска и ДХА). За разлика од заситените, незаситените масни киселини дејствуваат поволно на организмот, го намалуваат нивото на холестерол во крвта и ризикот за кардиоваскуларни компликации.
Храната пржена во свинска маст апсорбира помалку маснотии
Се повеќе консумирањето свинска маст е под влијание на познатите готвачи кои ја користат во своите ресторани, но и во настојувањата да се зачува традицијата.
Отсекогаш била ценета како кулинарски продукт бидејќи има повисока точка на вриење од другите масти. Од таа причина, храната пржена во свинска маст апсорбира помалку маснотии и често е повкусна.
Нашето тело маснотиите ги претвора во енергија, а тие помагаат во апсорпцијата на хранливите материи посебно на витамините кои се растворливи во неа (А, Д, Е и К).