Сусамовото масло е врвно масло за готвење, а неговиот богат вкус го прави да биде исклучителна состојка во јапонската кујна.
Потекнува од стариот град Аизу, на неколку часа оддалечен од Токио. Тоа е едно од најчистите и најздрави масла за готвење. Содржи линолеинска киселина – една од трите есенцијални масни киселини кои нашиот организам не може да ги произведе, а се од особено значење за него.
Есенцијалните масни киселини се неопходни за нормално растење, за здрава крв, за артериите и за нервите. Есенцијалните масни киселини ја одржуваат влажноста на кожата и го спречуваат нејзиното сушење.Последните истражувања велат дека есенцијалните масни киселини играат важна улога во регулирање на крвниот притисок и ја забрзуваат работата на метаболизмот.
Користење на маслото
Вкусот и аромата на тостираното масло се особена карактеристика на ориенталното готвење. Тостираното масло го спречува загорувањето на храната при пржење или динстување, а се користи во многу мали количини. Сусамовото масло може да се користи и како комбинација со други масла, и како додаток на зачини и на сосови.
Најлесен начин на користење на сусамовото масло е при готвење на зеленчуци во покриен сад.
Ставете две-три парчиња ѓумбир и две-три лажички сусамово масло. Потоа додадете го зеленчукот, динстувајте го кратко време, па додадете малку вода. Покријте го тенџерето, па варете го зеленчукот додека не омекне.
Продуктите ќе ги задржат хранливите состојки, а сусамовото масло ќе дојде како еликсир на вашиот организам.