Смрзнатите овошје и зеленчук се подеднакво квалитетни како свежите, а во некои случаи содржат и повеќе хранливи состојки, тврди истражување во Велика Британија.
Две независни студии што ги спровеле Универзитетот во Честер и Leatherhead Food Research откриле дека во 66 проценти од случаите смрзнатите овошје и зеленчук содржат повеќе антиоксиданси како што се витаминот C, полифенол и бета-каротен отколку свежите што биле во фрижидер три денови.
Не само што антиоксидансите му помагаат на нашиот организам да остане здрав, туку тие помагаат во борбата против болести на срцето и ракот.
Доктор Рејчел Брч, која учествувала во истражувањето, тврди дека резултатите покажуваат дека смрзнатото овошје може да се спореди со свежото.
„Мора да се откажеме од мислењето дека свежата храна секогаш е подобар избор во споредба со смрзнатата”, вели таа.
Со неа се согласува и Маташа Мареј од Асоцијацијата на нутриционисти на Австралија.
„Одредено свежо овошје или зеленчук поминуваат и по неколки денови дури и недели во транспорт. Во текот на тој период тие губат одредени својства. Смрзнатите овошје и зеленчук се замрзнуваат кратко време по берењето и тоа ги затвора сите хранливи материи во нив”.
Во текот на сезоната, најдобар избор се овошјето и зеленчукот што се продаваат во близина на местото од каде што се берени, но тоа не е опција за најголем број потрошувачи така што смрзнатото овошје и зеленчук се одлична алтернатива.
„Без оглед на тоа дали намирниците се свежи или смрзнати, важно е да се запамети дека начинот на кој ги подготвуваме е клучен за задржување на хранливите состојки”, додава Мареј.
Во продолжение резултатите од истражувањето за поединечни намирници:
Брокола
Смрзната има повеќе витамин C и лутеин и четири пати повеќе бета-каротен, додека свежата има повеќе полифенол.
Морков
Смрзнат има речиси три пати повеќе лутеин, двојно повеќе бета-каротен и повеќе витамин C и полифенол од свеж.
Боровинки
Смрзнатите имаат повеќе витамин C, полифенол додека свежите имаат повеќе лутеин и бета-каротен.
Грашок
Не е забележана никаква разлика меѓу смрзнатиот и свежиот грашок.