Пациенти одат на лекар мислејќи дека добиле алергија, а тие се заразиле со шуга, предупредуваат од амбулантите во скопските поликлиники и од Kлиниката за дерматовенерологија. Само во Скопје месечно има најмалку 10-ина случаи кај кои се дијагностицира шуга, од која минатата година се заразиле 125 пациенти, и тоа деца на возраст од над една година, но и постари од 60 години.
Паразитот шугавец се пренесува со директен контакт, а поретко и со пробање и носење туѓа облека, а се уништува со вриење на долната облека, постелнината, но и со проветрување – облеката треба да се ветрее најмалку 2 дена, по што паразитот се уништува зашто нема со што да се храни.
На Kлиниката за дерматовенерологија велат дека шугата е пренослива болест:
– Има доста пациенти со шуга и на Kлиниката за кожни болести, кои се инфицирале преку директен контакт со заболениот, но може и преку облека. Затоа, по терапијата, гардероба што не може да се врие мора да се проветри на воздух најмалку два дена – толку е доволно за паразитот да се уништи бидејќи нема со што да се храни, а тоа го прави со распаднати продукти од кожата и со крвта – раскажува д-р Наташа Јаковлевиќ, специјалист дерматовенеролог на Kлиниката.
Но таа нагласува дека ова заболување не е секогаш поврзано со нечистотија и со лошо одржување лична хигиена.
– Kапењето не е гаранција дека некој нема да добие шуга, но кај оние што повеќе се капат, потешко ќе се препознае болеста зашто нема толку бронки на кожата и лушпи. Но факт е дека шугата почесто се појавува каде што има низок степен на лична хигиена. Но со шуга некој може да се зарази, освен со директен контакт, и преку пробање облека, додека од возење во јавен превоз, на пример, не може да се добие паразитот. Инкубацијата на ова заболување трае 21 ден, а карактеристично е што јадежот најчесто се јавува ноќе кога организмот е во мирување и кога ќе се затопли. Најчесто јадежот е под пазувите, на стомакот, помеѓу прстите на нозете и на рацете – вели д-р Јаковлевиќ.
Често шугата може и да не се препознае веднаш.
– Алергиската реакција на кожата изгледа поинаку – таа е како журена од коприва и при алергија целиот ден трае чешањето, а додека кај шугата е ноќе, а кожата поинаку изгледа – се јавуваат ситни бронки, кои може и да крвават – вели д-р Јаковлевиќ.
Терапијата се состои од мачкање со масти, кремови, направени најчесто врз база на сулфур и со хигиено-диететски режим, вриење на постелнината и на другите алишта, а тоа што не може да се испере, да се изнесе надвор. Терапијата важи за сите членови во семејството.
Повеќе на Дневник