Free songs
Home / Болести и лечење / Опседнатост дека сте болни – Хипохондрија

Опседнатост дека сте болни – Хипохондрија

Дали некогаш сте се нашле во непосредна близина на личност која е убедена дека страда од симптоми на најразлични болести? Се чини дека целото внимание на личноста е насочено единствено кон сопственото здравје. Тогаш веројатно се наоѓате во друштво на хипохондрик.

hipohondrija glavobolka glavaХипохондрикот станува опседнат со идејата дека нешто сериозно не е во ред со неговото тело, но дека заболувањето сè уште не е дијагностицирано од страна на лекарите. Секој човек чувствува загриженост за сопственото здравје, што е сосема нормално. Меѓутоа, хипохондријата претставува вистинска закана за социјалниот живот на поединецот, како и за неговите односи на работа. Хипохондријата е долготрајна состојба која најлесно се ублажува со посета на психотерапевт.

СИМПТОМИ НА ХИПОХОНДРИЈА

Во симптомите кои се појавуваат кај хипохондриците спаѓаат: Опсесивното пребарување и читање на статии и содржини посветени на човековото здравје; Зачестената (само)проверка на пулсот и крвниот притисок; Интензивен страв и видна вознемиреност предизвикани од мислата дека имаат сериозно заболување или влошена здравствена состојба; Постојано зборување и дискутирање за симптомите на болеста за која се сомневаат дека ја имаат со членови на семејството или пријатели; Загриженост дека најнормалните „симптоми“ кои ги оддава телото (грчеви во стомакот, потење) упатуваат на некое сериозно заболување; Самодијагноза и посегнување по медикаменти по своја иницијатива; Чести посети на доктор, кои вклучуваат најразлични видови на прегледи и консултации; Честа промена на доктори.

Доколку едниот доктор се изјасни дека личноста не е болна, таа не му верува и веднаш бара второ мислење од друг доктор; Помислуваат дека страдаат од некое заболување, откако ќе се информираат, ќе прочитаат или ќе слушнат токму за него; Неможност за контролирање на неоправданите стравови поврзани со здравјето. Симптомите на хипохондријата варираат во определени временски периоди.

Краток временски период хипохондрикот може да се чувствува малку подобро, а потоа повторно да се врати во својот магичен круг на доктори, медикаменти и опсесивни истражувања на болести.

ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА ХИПОХОНДРИЈА

Денешниот лесен пристап до информации за нашето здравје може да биде меч со две острици. Нема ништо лошо во информирањето, бидејќи за да се остане здрав и во одлична форма, грижата и заинтересираноста за здравјето претставуваат важен елемент. Не сите кои се грижат за своето здравје се хипохондрици. Сепак, хипохондриците најчесто ја преминуваат линијата на нормалната загриженост, а идејата дека нешто сериозно не е во ред ги обзема целосно.

И покрај направените тестови и консултации со лекарите и уверувањето дека сè e ред со нивното здравје, едноставно не се задоволуваат со одговорите и постојано трагаат по други решенија и различни мислења. Достапноста на многу интернет содржини кои се однесуваат токму на здравјето и информирањето за симптомите на сериозни заболувања, може да бидат само дополнително гориво на хипохондричниот оган кој го поседува личноста.

Медицината сè уште го нема доволно истражено овој сеприсутен феномен, кој се дефинира како психосоматско пореметување. Се смета дека карактерот на личноста, животното искуство, начинот на растење и воспитување од страна на семејството, како и генетиката, имаат влијание и различна улога во развојот на хипохондријата. Сериозно заболување или смрт на некој член во семејството може да ја „активира“ хипохондријата кај одредени личности. Поради прераната смрт на родителот предизвикана од болест, личност која претходно била среќна и здрава може многу лесно да падне во канџите на хипохондријата.

Личноста може да се убеди дека страда од истите симптоми и болест како и родителот, што резултирале со предвремена смрт. Ваквите испади најчесто се придружени со панични напади, со соодветни физички симптоми.

КАКО ДА МУ СЕ ПОМОГНЕ НА ХИПОХОНДРИК?

Доколку некој од вашите блиски или сакани се соочува со симптоми на хипохондрија, за почеток е потребно да имате отворена и искрена дискусија, во која ќе ги образложите причините за вашата загриженост и промените кои сте ги забележале во неговото однесување. Имајте предвид дека не располагате со стручна подготвеност за решавање на овој сериозен проблем, но во секој момент може да понудите поддршка и охрабрување. Воедно, можете да ја понудите вашата помош при пронаоѓање на соодветно стручно лице, односно психотерапевт кој ќе работи со хипохондричниот пациент, да одите со него на состаноци и едноставно да бидете постојано присутни во неговиот живот, со цел поскоро да го надмине ова заболување. Стравот и вознемиреноста може значително да се намалат кај хипохондрикот преку дополнително едуцирање за проблемот.

Фемина.мк

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top