Научниците напредуваат кон можноста повторно да направат целосно функционални органи и направија значаен прогрес заменувајќи ги мускулите и други ткива.
Од секогаш се поставувало прашањето, ако на гуштерот може повторно да му израсне опашката, зошто ние не можеме да ги регенерираме нашите изгубени делови од телото? Но, можеби ќе можеме еден ден.
Николас Кларк повторно може да скока, наспроти тоа што изгубил поголем дел од мускулот на долниот дел на левата нога во сериозна несреќа.
„Како дополнителна загуба на мускулот, имав и губење на нервите, крвните садови и друго ткиво во ногата. Тоа многу ми ограничи било какви активности‟.
Многу негови изгубени мускули повторно пораснале, благодарение на иновативната терапија која се спроведува на Универзитетот во Питсбург, која вклучува ткиво земено од свиња од кое подоцна се отстранети сите траги на животинските клетки. Тоа што останало е наречено екстрацелуларен матрикс.
„Екстрацелуларниот матрикс е наполнет со сигнални молекули кои контролираат многу работи во нашето тело. Тие го контролираат растот на ткивата на пример, ги контролираат процесите кои се појавуваат по повреда‟ – вели Стивен Бедилак од Универзитетот во Питсбург.
Кога ќе го изгубиме ткивото поради повреда или болест, екстрацелуларниот матрикс исто така е изгубен, така новото ткиво нема насоки за повторно да расте. Тоа е она што свинскиот матрикс го пружа. И изгледа дека не е важно што тоа не доаѓа од човечко ткиво.
„Системот или молекулите кои го создаваат екстрацелуларниот матрикс се изгледа толку фундаментално важни за тие процеси кои се длабоко всадени преку еволуцијата. Затоа молекулите во нас како луѓе, се многу слични на тие кај свињите, глувците и можеби диносаурусите, се со текот на еволуцијата‟. Животинското ткиво е всушност подобро од човечкото земено од донатори, бидејќи не може да пренесе човечки болести и секогаш е достапно. Една област во која матрикс терапијата се покажала делотворна е третирање на пациенти на кои им е отстранет желудник поради рак или повреда.
„Успеавме да ги одвоиме сите клетки на рак од желудникот, го обложуваме од внатре како со тапети со матрикс материјал и потоа поттикнавме раст на нов слој кој е здрав и до сега нема враќање на ракот‟.
Во споредба со терапијата со матични клетки тој метод е многу поефтин. Матриксот доаѓа во различни големини и облици, хидратантен или сув и може да се порача од специјални лаборатории. Научниците велат дека следниот голем предизвик е конструирање на цели органи, како што е црн дроб или бубрег, врз основа на истите принципи. Досега, велат тие, резултатите многу ветуваат.