Home / нови лекови / Македонски научник: Го барам лекот против рак преку јонските канали

Македонски научник: Го барам лекот против рак преку јонските канали

До лани за лекување на некои видови рак се сметаше дека секоја клетка што се дели треба да се убие со специфични хемикалии, но сега се работи на една нова идеја – да се користи имунолошкиот систем на човекот. Во телото постои систем што треба да се грижи за с` ова, но, за жал, понекогаш не функционира. Не е идејата да ги најдеме клетките што се делат и тие директно да ги уништиме со хемикалии, туку да најдеме начин како да му дадеме нови способности на механизмот кој и онака би го правел тоа, со помалку несакани ефекти. Вака накусо Мишо Митковски, млад научник од Готинген, Германија, кој потекнува од Македонија, ни го објаснува својот истражувачки ангажман во борбата против лошата болест.

0DF06DBB9CDA5B45AFF5F3CC28A07CA3Тој веќе неколку години врши интензивни истражувања, кои имаат значително различен пристап во однос на досегашните начини и методи. Митковски ни објаснува дека тоа е „барање нов агол во борбата против канцерот, кој е мултисистемски проблем“.

Тој е одговорен за едно одделение за микроскопија, кое е централно во Институтот „Макс Планк“, и се занимава со основни истражувања за ракот. Дури 50 отсто од публикациите од овој врвен институт користат информации добиени со помош на ова одделение.

Тајната на молекулот

Тој ни наведува дека во својот пристап се концентрирал на еден аспект од болеста врзан за однесувањето на молекулите.

– Се работи за еден молекул, кој во одредени клетки создава јонски канал. До неодамна научниците мислеа дека го има само во нервните клетки, но подоцна се докажа дека и во повеќе од 70 отсто видови ткива заболени со тумори се пронајдени токму такви јонски канали. Јас истражувам зошто е тоа така и која специфична функција има овој канал во ракот. Верувам дека тука се крие еден од одговорите – вели овој 46-годишен научник.

Откритието до кое дошол било дека тој јонски канал практично им овозможува на клетките да се движат побргу. Експериментот се прави со нормални и со генски модифицирани клетки што тој ги создал да имаат таков јонски канал.

– Нормалните клетки се движат во одредена насока и брзина, па и може да се пресмета нивниот пат. Но, клетките со јонскиот канал се движат побргу и не се насочени како другите клетки, туку се раштркуваат на сите страни, а така може да се објаснат некои аспекти од метастазирањето на ракот. Следното прашање кон патот за лекот ќе биде: што ќе се случи кога ќе се блокира јонскиот канал со антитело што веќе го имаме или со други хемикалии ќе може да се спречат оние механизми на метастаза – вели Митковски.

При вакви експерименти било вообичаено клетките да се стават под микроскоп и да се набљудуваат, но тој решил испитувањето да го прави од друг агол.

– На клетките им дадов задача за движење. Тоа може да се објасни со еден едноставен пример. Ако некој човек се изгребе, под кожата веќе се движат клетките за да го затворат тој простор, таа рана. Е, токму за такво нормално, насочено движење и јас зборувам. Тие може да се насочат каде да се движат и под микроскоп. Постои механизам за да се движат во тој правец каде што нема клетки – објаснува научникот Митковски.

Не се откриени сите механизми на болеста

Овој научник е оптимист дека во иднина ќе се открие лек против оваа болест, која е меѓу големите причини за предвремена смрт на многу луѓе во светот.

– Денеска многу видови карциноми се лекуваат доколку се откријат во раната фаза. Јас сум убеден сум дека ќе се најде лекот. Ракот се лекува и на нови начини, еве, на пример, преку јонските канали за што воопшто не се размислувало пред десет години. Но, проблемот е мултисистемски. Досега ниту еден научник не може да застане пред јавноста и да изјави дека го разбира ова поле, кое со години расте – додава Митковски.

Според него, затоа се многу важни новите пристапи, како што е имунолошкиот систем.

– Од една страна, очигледно не сме ги нашле сите механизми што ракот ги користи, а од друга, имунолошкиот систем е веќе усовршен, па можеби ако го контролираме, тоа ќе биде лекот за рак. Веќе постојат успешни експерименти каде што Т-клетките од имунолошкиот систем се репрограмирани да идентификуваат рак – потенцира Митковски.

Dnevnik.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top