Легендата вели дека оваа магична смеса се состои од 41 состојка, кои можат да излекуваат 41 болест
Секогаш кога одите во посета на историскиот центар на Истанбул мора да поминете по патот што води кон палатата „Топ капи“. Во целиот тој метеж од туристи може да не ги забележите малобројните улични продавачи продаваат нешто што личи на лижавче во спирална форма. Пред себе продавачите имаат садови што личат на кружни кутии за сладолед наполнети со густа течност во разни бои. Всушност тоа е течна бонбона, која се стврднува откако вештите продавачи ќе ја приготват на ваша нарачка. Но ова сепак не е обична бонбона.
Се нарекува маџун и приказната вели дека првпат е направена во 1527 година по наредба на султанот Сулејман Величествениот како лек за закрепнување на неговата мајка Ајше Хафса. Султанот бил презадоволен од неговите лековити својства, па затоа одредил да се празнува еден ден напролет, пролетната рамноденица, кога ќе им се раздели маџун на сите луѓе во престолнината.
ЧЕТИРИЕСЕТ И ЕДНА СОСТОЈКА
Легендата вели дека оваа магична смеса се состои од 41 состојка, кои можат да излекуваат 41 болест. Католиците некогаш маџунот го нарекувале „балзамот на султанот“ и ја нагласувале неговата употреба како афродизијак.
Чудно но вистинито, етимолошките речници го имаат истото име на јазикот хинду, но има сосема поинакво значење: нешто ги опушта мускулите и има благ седативен ефект. На турски зборот значи „паста“. Во Македонија, пак, маџун се нарекува гроздовиот шеќер, густа течност со лековити својства.
Старите книги за фармакологија и готвачот на палатата споменуваат рецепт со огромен број состојки, од кои некои доаѓаат од далечни земји. Од долгиот список ги издвојуваме: амбер, мошус, црвена детелина, куркума, ѓумбир, детелина, цимет, морско оревче, ванила, кокос…
Освен историскиот Сарај, како симболично место на кое може да пронајдете маџун приготвен на улица, постојат и други локации каде што може да купите спакуван маџун. На пример, на египетскиот пазар имате тони зачини и тревки што почнуваат да личат на наша природна средина.
БАПСКИ ЛЕК
Со сигурност постои добра причина зошто на грчки зборот „matzouni“ означува „практичен лек што се користи како тоник“ или кој било друг вид инфузија од билки, па дури и меки бонбони. Но во денешно време името сè почесто означува „бапски лек“.
Nova Makedonija/Balkon3