Home / природен лек / Лек за јачмен во око

Лек за јачмен во око

Јачмен е чир или апсцес на горниот или долниот раб на очниот капак кој укажува на инфекција на очните жлезди. Иако јачменчињата обично се наоѓаат на надворешната страна на капакот, тие може да се појават и на внатрешната страна…

jacmenНадворешно излегува како чирче покрај трепката, а потоа се преобразува во црвен, болен оток кој обично, пред да прсне и заздрави, трае неколку денови. Повеќето надворешни јачменчиња се краткотрајни.

Внатрешно исто така, е црвен, болен оток, но неговата положба го спречува излегувањето на гнојот на капакот. Откако ќе помине инфекцијата, јачменчето може целосно да се повлече или може да остане како мала, циста исполнета со течност или јазолче што може да остане подолго време, па ќе мора да се отвори со хируршки зафат.

Халазионот, исто така, е знак за инфицирана жлезда на капакот, но, за разлика од јачменчето, тоа е цврста, тркалезна, мазна мозолка која е обично малку пооддалечена од работ на капакот.

Јачменчињата и халазионите главно се безопасни и ретко му штетат на окото или видот. Можат да се појават на која било возраст и обично повторно се појавуваат, на некој друг дел на очниот капак.

Причинители

Јачменчињата најчесто се предизвикани од стафилококни бактерии кои често се наоѓаат во ноздрите. Бактериите можете да ги пренесете на капакот кога ќе го допрете носот, а потоа ќе ги истриете очите.

Халазионот го предизвикува затнатото излезно каналче на жлездите кои го помагаат подмачкувањето на капаците. Во затнатата жлезда може да дојде до размножување на бактериите, а воспалението што го предизвикуваат доведува до создавање тврди мозолчиња.

Лекување

Иако се болни и непријатни, јачменчињата најчесто поминуваат за неколку денови, сами од себе или со едноставно лекување. Халазионите, исто така, често се повлекуваат сами од себе, но за тоа може да биде потребен еден месец или подолго.

Алтернативни начини на лекување

Иако некои алтернативни начини на лекување можат да помогнат во смирувањето на инфекцијата на очниот капак, никогаш немојте на окото да нанесувате препарати без да се посоветувате со лекар. Некои антисептички средства и лекови можат да ја повредат површината на окото. Кога на капакот ќе му ставите лосион или облога, окото треба да биде затворено.

Лекување со лековити билки

За намалување на болките и воспалението на јачменчињата, стручните лица за билна медицина препорачуваат стручно подготвени капки за очи од зорвица. Можат да препишат и препарат за орална употреба од чичок.

Исхрана

Ако јачменчињата и халазоните се појавуваат често, нутриционистот може да ви препорача внесување додатоци на витамините А и Ц, кои, изгледа, го чуваат здравјето на кожата. Можете да пробате и исхрана за систематско прочистување на организмот што се состои само од свежо овошје и зеленчук, јогурт, овошни чаеви, сокови и минерална вода и се применува до една недела. Натуропатите веруваат дека оваа диета, ако се повторува во правилни временски периоди, може да го спречи создавањето јачменчиња.

Лекување дома

И на јачменчињата и на хапазионите ставајте топли облоги четирипати на ден по 10 до 15 минути, неколку дена едноподруго. Кога ќе созрее јачменчето, самото ќе прсне. Облога можете да направите со навлажнување чајна вреќичка со топла вода и ќе ја ставате три до четирипати на ден по 5 минути на затворено око.

Превенција

Ако јачменчињата се повторуваат, треба секојдневно да го чистите надворешниот дел на очните капаци. Ставете неколку капки многу слаб детски шампон во чаша топла вода и промешајте. Употребувајќи памучно стапче (за чистење уши) еднаш на ден со смесата нежно пребришете ги капаците, држејќи ги очите затворени. Многу е важно да се избегнува допир на очните капаци со козметички препарати, нечисти крпи или заразени раце.

Честата примена на топли облоги на првиот знак на инфекција ќе го спречи натамошното затворање на жлездите во очните капаци. За да го спречите ширењето на инфекцијата на другите членови на вашето семејство, како облога употребете чиста ткаенина за еднократна употреба и немојте да употребувате заеднички ракавици за капење или крпи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top