Home / Болести и лечење / Како да му помогнете на пријател кој страда од депресија

Како да му помогнете на пријател кој страда од депресија

Депресијата е комплексна ментална болест која е многу повеќе од краткотрајна тага. Беспомошност, потиштеност, безволност, самокритичност, безиницијативност, повлеченост, чувства на безнадежност, тага и вина, намалена концентрација, губење на чувството за задоволство и интерес, социјална изолираност, ниска енергија, промена во апетитот и телесната тежина… симптомите на депресијата и нивниот интензитет варираат од лице до лице.

poplavi depresijaСпоред податоци од Британската Фондација за Ментално здравје најчесто психичко растројство во Велика Британија е комбинација од анксиозност и депресивна симптоматологија (коморбидитет), а од возрасната популација 1во 5 луѓе страдаат од депресија. СЗО (2011) редовно прави анкетни иницијативи, а во последната анкета за одредување на преваленцата на депресијата беа опфатени скоро 90,000 луѓе кои ги исполнуваа критериумите за тешка депресивна епизода (ТДЕ). Резултатите покажаа дека 15% од популацијата во земјите со висок животен стандард, наспроти 11% во земјите со низок-среден животен стандард, барем еднаш во животот страдаат од депресивна епизода, а 5.5% веќе доживеале ТДЕ.

Процентот на луѓе со ТДЕ е зголемен во земјите со висок животен стандард, особено во Франција, Холандија и САД (над 30% од популацијата). Земја со најниска инциденца на ТДЕ е Кина (12%), но затоа депресијата е честа појава во Индија (36%). Депресијата полека, но сигурно, станува составен дел од модерниот живот. Затоа е особено битно секој од нас да знае кои сѐ можности ни се достапни за справување со овој ментален проблем, дури и тогаш кога не знаеме каде да се обратиме или немаме финансисии да си дозволиме стручна помош.

depresija5Депресијата го засега секој аспект од животот на личноста, но предизвикува страдање и кај нејзините блиски. Доколку ваша блиска личност страда од депресија, вашата вклученост во процесот на лекување може да биде од клучно значење за брзо опоравување. Еве како можете да ѝ помогнете на депресивна личност:

  1. Прифатете дека депресијата е сериозна болест и не ја игнорирајте. Депресијата не исчезнува сама од себе и треба да ја прифатите како сериозна ментална болест, а не како привремена состојба која времето ја лекува. Никогаш не треба да настапувате со ставот „Не се загрижувај… и јас лани бев неколку дена депресивна, па ми помина“ или „Ајде доста е самосожалување, ти си силна, ќе помине, само не мисли на тоа, времето лечи сè“.
  2. Убедете ја дека ѝ е потребна стручна помош. Многу жртви одрекуваат дека страдаат од депресија и одбиваат каква било стручна помош. На нашите простори посетата на психијатар се прифаќа со голема негативност, но вие морате да настојувате. Не заборавајте дека вие не сте замена за психијатар. Објаснете ѝ на личноста на која сакате да ѝ помогнете дека заслужува да се чувствува подобро и дека депресијата треба да биде лекувана од стручно лице.
  3. depresija2Информирајте се – колку повеќе знаете, толку повеќе можете да помогнете. Многу е важно да ги разберете симптомите на депресијата за да имате претстава низ што точно минуваат депресивните лица. Информирајте се за причините кои водат до депресија, како и за различните начини на лекување.
  4. Бидете на нејзина страна и не ја осудувајте/критикувајте. Луѓето кои страдаат од депресија често се престроги кон себе, па ако сакате да помогнете, не давајте конструктивни критики и не ги посочувајте нивните грешки. Тоа може да им го засили самокритичното мислење и да им ја намали самопочитта, што само ќе ја влоши состојбата.
  5. Сослушувајте ја, наместо да ја затрупувате со совети. Ако личноста која страда од депресија одлучи да започне отворен разговор, ваша задача е да сослушате. Дури и да ги слушате истите зборови по стоти пат, бидете нејзино рамо за плачење и покажувајте сочувство. Многу е важно таа да се чувствува ислушана и да знае дека нејзините чувства ви се важни. Не давајте совети како „Само насмевни се“ или „Мисли позитивно“. Фатете ја за рака и едноставно бидете таму за неа. Слушањето и покажувањето разбирање се моќна алатка во процесот на лекување.
  6. depresija apcinjaЗачувајте го оптимистичкиот став и не ги поддржувајте нејзините песимистички изјави. Песимистичките мисли се симптом на депресијата, а вие не смеете да се согласувате со негативните погледи на личноста покрај вас. Зачувајте ја реалната слика и постојано разгорувајте ја надежта дека ситуацијата ќе се подобри. Укажувајте ѝ на позитивните нешта кои се случуваат околу неа, затоа што депресивните личности се спречени сами да ги видат. За депресивната личност иднината најчесто е мрачна и празна. Затоа, зборувајте за позитивната страна на животот.
  7. Не се плашете да ја прашате дали има самоубиствени мисли. Ризикот од самоубиство е поголем кај лицата кои страдаат од депресија. Ако личноста е во тешка депресија, внимателно набљудувајте дали некои знаци укажуваат на суицидни мисли. Искажете ја вашата загриженост и прашајте ја дали некогаш помислила да се повреди себеси. Доколку нешто во нејзиниот одговор ги потврди вашите сомнежи, веднаш побарајте професионална помош. Времето е од клучно значење.
  8. Дајте ѝ ја својата љубов и поддршка. Депресивните личности се чувствуваат безнадежно и често треба да бидат потсетувани дека некој се грижи за нив. Гушнете ја личноста на која сакате да ѝ помогнете, затоа што топлиот нежен физички контакт е многу важен. Кажете ѝ дека ја сакате и дека сте тука за неа, со цел да ѝ покажете дека некој се грижи. Истражувањата покажуваат дека депресивните личности кои имаат силна поддршката од семејството и пријателите побрзо излегуваат од депресијата отколку оние кои немаат поткрепа.
  9. depresija3Понудете ѝ практична помош. Личностите кои страдаат од депресија не се мрзеливи, но нивната состојба може да придонесе да чувствуваат тешкотии при справувањето со секојдневните задачи како плаќање на сметките, пазарување, грижа за децата. Преземете дел од обврските на личноста на која сакате да ѝ помогнете. Практичната помош може многу да значи.
  10. Мотивирајте ја да ви се придружи во вежбањето или пешачењето. Истражувањата покажуваат дека едно од најдобрите оружја во борбата против депресијата е вежбањето. Загубата на енергија е една од карактеристиките на депресијата, а вежбањето ја враќа не само енергијата, туку и чувството на контрола врз сопственото тело. Охрабрете ја и мотивирајте ја личноста да ви се придружи во прошетката или тренингот во најблискиот парк. Свежиот воздух и промената на глетката многу ќе ѝ помогнат. Исто така, ендорфините кои се зголемуваат со вежбањето секогаш помагаат за подобро расположение, а вашата покана ќе ѝ покаже дека се грижите за неа.
  11. Станете ѝ партнер во лекувањето. Лекарствата и психотерапијата се клучни за лекување на депресијата, па помогнете ѝ да ги зема препишаните лекови и редовно да присуствува на средбите со психијатар. Придружувајте ја до лекарскиот кабинет. На почетокот антидепресивите може не само да не ја подобрат состојбата, туку и да предизвикаат странични ефекти. Во овој период потребно е да ја охрабрувате да не се откажува. Поддржувајте ја со оптимистички изјави како „Ќе биде подобро“.
  12. Не се дистанцирајте од неа. Луѓето најчесто се откажуваат од активното учество во борбата со депресија затоа што понекогаш битките траат многу подолго отколку што очекувале. Подгответе се за долго патување, наоружајте се со трпение и не се оддалечувајте од депресивната личност. Нејзе ѝ е потребна поддршка, па уверете ја дека во вас има стабилна потпора.

Три нешта кои не треба да му ги кажете на некој кој страда од депресија

  1. ОСВЕСТИ СЕ!
    Можеби ќе почувствувате нагон да му кажете да престане да се жали и да се ослоби од негативните чувства, но имајте предвид дека депресијата не е психичка состојба во која луѓето запаѓаат или излегуваат по желба, па затоа не ни очекувајте дека ќе ве послушаат. Наместо ова, кажете им дека сте тука за нив и дека ќе им помогнете како што знаете и умеете.
  2. НЕМАШ ЗА ШТО ДА БИДЕШ ДЕПРЕСИВЕН
    Немојте да мислите дека ако се обидете да ги потсетите на сите убави нешта во нивниот живот ќе извршите промена. Имајте во предвид дека не можете некој да го разубедите да не се чувствува депресивно, но можете да му помогнете ако им потврдите дека сте свесни за нивната психичка болка (на пример: Жал ми е што се чувствуваш толку лошо).
  3. ОВА СЀ ТИ Е ВО ГЛАВАТА
    Некои од нас веруваат дека депресијата е имагинарен проблем и дека најчесто луѓето сами се доведуваат во таа состојба преку замислување на проблемите и лошото расположение. Зарем би си кажале на себе си дека лошото расположение е нешто што самите го посакуваме и дека може да се опоравиме само со позитивни мисли? Овој коментар не само што не е конструктивен, не е ниту точен. Иако депресијата не може “да се набљудува однадвор”, таа е признаена медицинска состојба и ментален проблем кој не може така лесно да се надмине. Наместо вакви забелешки, кажете Знам дека страдаш од реален проблем (болест), кој(а) ти прави да се чувствуваш вака лошо. 

И што е најважно, грижете се за себе. Доколку живеете со депресивна личност, може целосно да се преокупирате со грижата за неа, па да го занемарите сопственото здравје. За да имате сила да помагате, мора прво вие да сте емотивно и психички стабилни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top