Home / Болести и лечење / Горат бенки со киселина, па им нема спас

Горат бенки со киселина, па им нема спас

Незнаењето и штетното сонце предизвикуваат рак на кожата

Пошол на лекар затоа што му се појавиле старечки брадавици, познати како тртки, а му нашле рак на кожата или меланом, еден од најопасните. За вакви случаи раскажуваат кожните доктори од Клиниката за дерматовенерологија, кои сѐ почесто откриваат заболени со рак на кожата. Се пожалија и на ниската свест кај пациентите, кои, наместо во здравствена установа, одат кај надрилекари, па им го откриваат ракот дури кога ќе метастазира, кога нема помош.

bemka1-300x171Како еден од главните виновници за овој рак се смета штетното УВ-зрачење или прекумерното изложување на штетно сонце во текот на животот. Кожата памети, велат лекарите, па и горење од детството може да се одрази во зрелата доба. Да се внимава е особено значајно сега, кога се зголемува УВ-зрачењето, а и кога сѐ повеќе граѓани одмораат на плажите. Во исто време се препорачува навреме да се проверуваат сомнителните бенки и промени на кожата

На лекар одат кога е доцна

Има повеќе пациенти што навреме ги проверуваат промените на кожата за да се заштитат од канцер, но тој број е недоволен, велат лекарите од Клиниката за кожни болести. Сѐ уште многумина доаѓаат во последна фаза од болеста, кога ништо не може да се стори.

– Има повеќе пациенти што доаѓаат да ги проверат промените на кожата, меѓутоа има и многумина што доаѓаат доцна. За жал, има многу пациенти што, наместо на доктор, одат на надрилекари. Им ги горат бенките со киселина и така се сокриваат симптомите на ракот. Дека се случило тоа дознаваме дури кога ќе се рашири на други органи и низ разговор ќе кажат како се „лекувале“. Или се случува да дојдат за сосема друга, банална работа, а да најдеме рак – вели д-р Небојша Пешиќ, директор на клиниката.

rak koza1Кожните лекари објаснуваат дека имунолошкиот систем на кожата се намалува со прекумерно експонирање на сончево зрачење, кое ги оштетува нејзините клетки и го менува нивниот генетички материјал. Така, системот на репарација на оштетените клетки не може да ги поправи сериозните оштетувања предизвикани од УВ-зраците и тие се пренесуваат на ќерките-клетки. Ако овие клетки продолжат да се делат слободно, тие може да мутираат и да доведат до развој на рак на кожата.
Постојат различни видови и поткатегории рак на кожата. Најопасен и животозагрозувачки е малигниот меланом, кој се шири многу брзо. Немеланомскиот рак на кожата не е толку опасен како меланомот, но е десет пати почест. Се локализира на фотоекспонираните делови на кожата, кои се најмногу изложени на сончева светлина, како лицето, ушите, рацете, лактите и површините на главата без коса. Тој расте бавно и ако се открие навреме постојат големи шанси за негово излекување.

Има заштита, но треба да се знае

Најголем ризик има за оние што се со светол тен, светли очи и имаат бенки по телото.

– Многу е битно да се внимава да не се изгори на сонце, особено кога станува збор за деца. Не е битно само да не се сончате во т.н. опасни делови од денот, туку и да не претерувате со сончање во преостанатиот дел. Кремовите за заштита не штитат цел ден. На пример, оние со фактор 50 штитат 50 минути, па затоа треба редовно да се нанесуваат – вели докторот. Д-р Пешиќ објаснува дека најдобра заштита во вид на крем за кожата се средствата што функционираат на принцип на рефлексија, т.н. систем на огледало.

Инаку, според податоци на Институтот за јавно здравје во 2012 година од меланом умреле 64 лица, од кои 39 мажи и 25 жени. Од нив, 63 се на возраст над 20 години, а едно помало од 20 години.
Доколку меланомот се открие рано, тогаш тој во голем процент е излечлив. Кога е помал од 0,76 милиметри, осумгодишното преживување е 93 проценти, а кај меланом поголем од 3,6 милиметри процентот на преживување паѓа на 33,3 проценти.

Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top