Не мијте ја косата секој ден бидејќи шампонот не само што ја отстранува нечистотијата од неа туку ги отстранува и нејзините природни масла, кои ја штитат од негативното влијание на надворешни фактори. Над две третини од проверените козметички средства содржат штетни материи, тоа значи дека и боите за коса што ги користат жените го зголемуваат ризикот за развивање на некои заболувања, покажуваат резултатите од европско истражување, чија цел била да се процени ризикот од малигни заболувања на лимфоидно ткиво конкретно во врска со употребата на боја за коса.
Анализирани се податоците за 2.303 заболени со лимфоидно ткиво во Чешка, Франција, Германија, Ирска, Италија и во Шпанија.
Речиси 74 отсто од жените и 7 отсто од мажите во истражувањето користеле боја за коса. Ризикот од развој на лимфом е за 19 отсто повисок кај оние што користеле боја за коса отколку кај оние што никогаш не ја користеле. Кај оние што ја бојадисуваат косата 12 или повеќе пати годишно ризикот се зголемува до 26 отсто.
Канцерогени супстанци
Според публикација во весникот “Сандеј тајмс”, во шеесеттите години на 20 век во составот на боите за коса влегувале повеќе активни супстанции вклучувајќи ги и канцерогените. Во 1978-1982 година е одржана реформулација за оксидација на состојките што се користат за бојадисување на косата и отстранети се материите што го предизвикуваат размножувањето на канцерогените клетки.
Според резултатите од новото американско истражување, ризикуваат не само оние што ја бојадисуваат косата, туку и оние што користат шампони и балсами за потемни нијанси на влакното.
Независната организација Environmental Working Group го анализирала составот на 7.500 хигиенски и козметички средства и утврдила дека 71 од 117 бои за коса (произведени од светски познати компании) содржат јаглеродни водороди кои поседуваат канцерогени својства.
И црната боја за коса е штетна
Боите за коса с` уште се опасни за здравјето и го зголемуваат ризикот од некои видови рак, објавува American Journal of Epidemiology. Резултатите од истражувањето во кое учествувале повеќе од 10 илјади жени покажуваат дека оние што користат боја за коса имаат значително поголем ризик од развивање канцерогени болести.
Овој тренд е особено очигледен кај жените што користеле боја за коса произведена до 1980 година.
– Модерните бои за коса несомнено се помалку токсични, но с?`уште имаат зголемен ризик. Иако жените што се бојадисуваат со црна боја забележуваат зацврстување на влакното и помалку им се оштетува косата отколку оние што се бојадисуваат во руса боја, тоа не значи дека црната е помалку штетна. Боите ги содржат истите супстанции, без разлика која боја ја даваат на крајот – велат научниците. И потсетуваат дека мажите-фризери, кои често работат со бои за коса, страдаат почесто од рак на мочниот меур.
Темнокосите луѓе имаат поздрави нерви
Бојата на косата и нервниот систем имаат заеднички генетски извор, тврдат научниците. Поточно, кожата, косата и нервниот систем имаат заеднички извор на своето ембрионско потекло и затоа бојата на очите, кожата и на косата на одреден начин го карактеризираат и нервниот систем. Така, сметаат научниците, луѓето со темна коса не се толку ранливи колку луѓето со светла коса.
– Светлите луѓе почесто имаат нервози и имаат поголема потреба за смирувачки лекови отколку бринетите – тврдат британски научници за Би-би-си. За оние што имаат црвеникав пигмент и пеги на лицето, научниците велат дека имаат и поголем ризик за рак на кожата.
– Пегите се пигментни формации кои ги штитат најважните делови на организмот од светлосна иритација. Но, од ова може да се извлече заклучок дека пегите се дополнителна заштита против светлината кај луѓето со многу ниски резерви на меланин.
Научниците исто така тврдат дека слабото чувство на болка кај луѓето со црвеникава коса е поврзан со ниската содржина на меланин и сметаат дека кај нив има потреба за зголемување на дозата на анестезиите, понекогаш и за 20 отсто.
Излекувајте ја сувата и испукана коса
Сувата коса е доста распространет проблем. Многумина веруваат дека тој може лесно да се реши со помош на водата, но тоа не е така. Косата станува сува токму поради користењето хлорирана вода. Честото миење на косата и капењето во базен без посебна капа за пливање исто придонесуваат за оштетување на косата. Не помала штета нанесуваат и бојадисувањето и честата употреба на фенот, но и ветрот, сонцето, студот.
*Совети за третман на сува коса:
– Откажете се од секојдневното миење на косата. Шампонот не само што ја отстранува нечистотијата од косата туку ја лишува и од нејзините природни масла, кои ја штитат од негативното влијание на надворешните фактори. Препорачливо е да користите специјален шампон за сува коса.
– Не заборавајте ги природните балсами. Тие го намалуваат електрицитетот на косата. Таа потоа полесно се чешла. Истовремено го зајакнуваат и влакното. Подобро е да користите маслиново масло пред да ја измиете косата отколку да користите купени балсами.
– Редовно кратете ги краевите на косата, ако е сува, тоа треба да го правите секој месец и половина.
– Погрижете се косата да ја сушите природно, само кога немате време сушете ја со фен.
– Не заборавајте дека косата страда и од лошите временски услови. Затоа носете капа за секој случај и за топлото сонце, но и за студениот ветер.
– Ако често одите на базен, секогаш користете капа за пливање.
– Ако зимските месеци ја направија косата да изгледа безживотна, побарајте совет, но превентивно внесувајте витамин Б6.
Дневник.мк