Home / Болести и лечење / Дали се заштитени од морбили сите родени по 1971 година?

Дали се заштитени од морбили сите родени по 1971 година?

До 1987 година децата се заштитувале со една доза вакцина против морбили, кога била воведена ревакцинацијата Вакцинирањето против малите сипаници – морбили во Македонија почнало во 1971 година, а редовно се вакцинирало од 1972 година. Меѓутоа до 1987 година децата се заштитувале со една доза вакцина против морбили, кога била воведена ревакцинацијата. Родените пред 1971 година, кога не се давало вакцина, како и пред 1987 година кога почнала ревакцинацијата се прашуваат колку се заштитени од малите сипаници.

Во повеќе европски држави има епидемии на морбили, а прогласија и во соседни Албанија и Србија.
Од малите сипаници има и починати, а меѓу нив деца и бебиња. Со оглед на тоа дека се лесно преносливи, опасност за епидемија има и во земјава. Годинава морбилите заразиле седуммина, од кои поврзани случаи има во едно семејство.

Лесно заразуваат

Кај нас бројот на вакцинирани деца против малите сипаници и лани е на слично ниво како преклани, па не може да се каже дека имаме колективен имунитет за оваа зараза (за него треба да се вакцинирани 95 отсто од децата). Во такви услови голем е ризикот брзо да се шири вирусот и да ги зарази сите кои се недоволно заштитени. Недоволно заштитени има од сите генерации, а има голем број деца кои воопшто не добиле вакцина. Според неофицијалните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) лани МРП вакцина примиле 82,6 отсто од децата што треба да се вакцинираат, слично како и во 2016 година, кога биле вакцинирани 82,1 проценти.

– Лицата кои прележале мали сипаници имаат природен имунитет против ова заболување и се смета дека се доживотно заштитени – вели д-р Гордана Кузмановска, раководител во секторот за контрола и превенција на заразни болести во ИЈЗ.
Епидемиолозите коментираат дека се смета оти голем дел од родените пред 1971 години ги прележале овие сипаници и се заштитени.
– Невакцинираните, ако не прележале мали сипаници се во најголем ризик и поради високиот индекс на заразност (контагиозност) на морбили, па доколку дојдат во контакт со вирусот ќе заболат – објаснува д-р Кузмановска.

Многумина недоволно заштитени

Вакцината против морбили, според податоците на ИЈЗ почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна на децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13- месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седум-годишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

– Се смета дека две дози на вакцина против мали сипаници овозмозуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светска здравствена организација препорачува најмалку две дози на вакцина за заштита од заболувањето. Законската и подзаконската регулатива во оваа област во Република Македонија исто така предвидуваат давање на две дози комбинирана вакцина против мали сипаници, рубеола и заразни заушки, кај децата на возраст од полни 12 месеци (прва доза) и на 6-годишна возраст (втора доза) – објаснува д-р Кузмановска.
Непотполно вакцинираните кои имаат примено само една доза вакцина, вели, се непотполно заштитени и можат да заболат од мали сипаници кога ќе дојдат во контаккт со вирусот, односно со заболено лице.
– Се смета дека вакцинираните лица пред многу години или децении се во поголем ризик да заболат отколку лицата кои примиле една доза вакцина во последните неколку години, бидејки со тек на време можно е да настане т.н. трошење односно намалување на имунитетот, или заштитниот ефект на вакцината – додава д-р Кузмановска.

Може да се многу опасни

Инаку, кај нас висок опфат на вакцинирани деца имало сe до појавата на антивакцинални кампањи што пропагираат дека вакцините се штетни и предизвикуваат цела низа опасни и смртоносни болести.
Кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Епидемиолозите објаснуваат дека има причини зошто толку се зборува за морбилите. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет. Тие се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Се сметаат за лесно преносливи. Кај 20 отсто од случаите се случува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.

Fakulteti.mk

One comment

  1. kako moze da bide vakcinata neshtetna,koga detaljno uchevme od se shto se izrabotuva.Zarem na vremeto imase vakcini za morbilite koi gi lechele?Normalno ne,a mnogu poefikasno za morbilite od vakcinite e dovolno samo 1 zrno na KRMUS da se svari kako chajche i ispie i voopshto nema nikakvi Nus pojavi i odednas izleguvaat poefikasno od opasnite vakcini.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top