Покрај тоа што го подобруваат квалитетот на воздухот и мирисот на собата, билките создаваат мирно чувство, кое е одлично за сите професии – од студенти до деловни луѓе. Сепак, доколку имате мал простор, тие бараат одговорност. Овие растенија толерираат малку вода и светлина.
Погледнете ја листата и изберете што ви одговара.
Џуџесто дрво на лимон. Не изгледа логично да ставите „дрво“ во мал простор, но ова џуџесто дрво одлично се снаоѓа во такви услови. Може да порасне до два метри, па поради тоа бара мало кратење од страните за да остане во прифатлива големина. Но, трудот се исплати поради прекрасните жолти лимони кои растат во текот на целата година и даваат освежувачки мирис. Заливајте го толку колку земјата да остане влажна, а посипете ги и листовите за да не пресушат. Чувајте го покрај прозорец за да има доволно светло, а ѓубрете го еднаш месечно.
Нане. За едноставен, природен и здрав начин на ослободување од стресот одберете го нането. Иситнете го листот на нането кој испушта силна арома за смирување на нервите и освежување на просторот. Се што треба да внимавате за ова растение е да има доволно светло во текот на целата година.
Лаванда. Оваа билка со живи бои има одличен и интензивен мирис. За да го одржувате мирисот, треба да ги исушите листовите и да направите кесички за орманите. Лавандата сака сонце и поради тоа треба да ја чувате покрај отворен прозорец. Чувајте ја во саксија со песок кој лесно се суши, бидејќи коренот на лавандата може да се уништи во влага.
Алое вера. Сметајте ја оваа билка за ваш личен лек, особено при иритации на кожата. Само преполовете го листот и исцедете од течноста на болното место. Алое верата е совршена за соби во кои нема многу сонце, бидејќи нејзините листови стануваат кафеави од голема изложеност, а и не бара многу вода. Лесно се одржува, а користа е голема.
Африканска темјанушка. Совршен цвет за мала студентска соба. Доволно е мала за да можете да ја сместите каде што сакате, не бара многу вода, а успева на различни температури. Освен по својата убавина, позната е и по тоа што го освежува воздухот и ги отстранува штетните честички.