Поради исклучителната делотворност кантарионот (Hypericum perforatum) е многу ценет во народната медицина, а неговите лековите својства се познати повеќе од два милениума. Таткото на фармацијата, Парацелизиус ја величал неговата моќ велејќи дека овој цвет во текот на летото ги впива сончевите зраци за да им врати на луѓето во тмурните месеци. Од оваа билка се прават тоник, чај, масла и тинктури, а во современата понуда се наоѓа и во форма на капсули, кои позитивно дејствуваат на расположението и ја подобруваат емоционалната рамнотежа.
Цвета од мај до септември, а најлековит е кога се бере во средината на јули. Расте на суви ритчиња, сончеви ливади, на пусто необработено земјиште и на рабовите од шумите.
Најпознат е за исеченици и изгореници
Скапоцените состојки се наоѓаат во цветовите и во листовите и помагаат при проблеми со белите дробови, бубрезите, црниот дроб, слезината, бабулето, при грчеви во стомакот и желудникот и згрутчување на крвта. Особено е делотворна во лекувањето на неконтролираното мокрење.
Во народната медицина се користи за исеченици, изгореници и хемороиди бидејќи го забрзува зараснувањето на раните. Кај промени на кожата, проблематичното место се обложува со чиста газа или платно натопено со масло од кантарион. Тоа е делотворно и за јакнење на косата како и за закрепнување на влакното што е оштетено од бојадисување. Ефектот е најдобар ако во неколку наврати половина или еден час пред миењето, косата се намачка со масло.
Кантарионот содржи мешовит танин, етерични масла, смоли, антоцијан, црвена боја хиперицин, каротен и флавониден хетерозид, кој му ја дава карактеристичната жолта боја. Има и холин, витамин Ц и алкалоиди во траги. Етеричното масло мириса на црногоричните масла бидејќи се состои од кадинен и други сесквитерпени, а влијае против цревни паразити, додека пак фанолските соединенија имаат антибактериска моќ.
Кантарионот, кој најчесто се употребувал како природен антидепресив, се покажал успешен и во лекувањето многубројни психички заболувања, па дури и трауми. Во Германија и официјално е одобрен како за поблагите облици на депресија и се издава исклучиво на лекарски рецепт бидејќи препаратите изработени од оваа билка имаат многубројни интеракции со другите лекови. Неговата лековитост е призната и од Светската здравствена организација.
Како се подготвува?
Чајот се подготвува на тој начин што во 2 децилитри зовриена вода се додава лажиче ситно исечкан кантарион, потоа се трга од ринглата и се остава да отстои поклопено 5 до 10 минути. Се пие трипати дневно при гастритис, чир на желудникот, пролив, жолтица, главоболка, бубрежни и менструални тегоби.
Маслото се подготвува на два начина. За првиот во шише од два литра се ставаат еднакви количини листови и цветови но се оставаат празни уште 8 сантиметри до врвот. Потоа се додаваат и стебленцата, па до врвот се налева маслиново масло. Шишето се затвора со тапа од плута и се чува на сонце до една година.
Другата постапка е побрза. Добро се загрева шише од еден литар, но водете сметка да не ви пукне. Во него ставете исто количество цветови и листови (да останат 8 сантиметри до врвот) и се додава маслиново масло загреано на температура од 60 до 70 степени. Се затвора со тапа и се остава да одлежи 10 дена, но важно е најмалку два дена да биде на сонце.
Билка за гинеколошки проблеми
И во народната и во официјалната медицина кантарионот, жалфијата, камилицата и ајдучката трева се користат при гинеколошки проблеми. Вагиналетите со маслен екстракт од овие билки и од коренот на свеж морков (се купуваат во аптека) помагаат во обновувањето на слузокожата на грлото на матката и вагината, ги отстрануваат последиците од воспаленијата и белото перење, кои се проследени со чешање, болка и печење. Вагиналетите помагаат и во менопауза
Вагиналетите се корисни и за жените во менопауза, бидејќи дејствуваат против бактерии и габички. Маслениот екстракт од свеж морков, како природен извор на витамините А, Д и Е ја забрзува ревитализацијата на слузокожата на вагината и ја спречува појавата на бактериски и габични инфекции. Витаминот Е ја подобрува микроциркулацијата, ја спречува појавата на слободните радикали, ја забрзува регенерацијата на оштетените клетки и има јак антивоспалителен ефект.
Вагиналетата се става пред спиење, во лежечка положба, што подлабоко во вагината. За подобар ефект терапијата би требало да трае 5 до 15 дена, но секако треба да се спроведе во консултација со лекарот.
Dnevnik.mk