Home / Болести и лечење / Ако кашлањето не се смирува 8 недели – веднаш на лекар

Ако кашлањето не се смирува 8 недели – веднаш на лекар

Многу состојби и болести може да предизвикаат пролонгирана кашлица, но најчести се следните пет: постназално слевање секрет, астма, гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ), хроничен бронхитис и третман со АЦЕ-инхибитори (лекови против висок крвен притисок). Честопати присутни се и повеќе етиолошки фактори, но кај непушачите најчесто се јавуваат првите три, поединечно или во комбинација.

kako-da-ja-smirite-hronicnata-kaslica-01Главни причини за хронична кашлица:

*Најчести причини:
– постназален секрет;
– астма;
– ГЕРБ;
– хроничен бронхитис, бронхиектазии;
– третман со АЦЕ-инхибитори (лекови за третман на хипертензија).
*Помалку чести причини:
– иританси од надворешната средина, во воздухот;
– аспирација во текот на голтањето;
– срцева слабост;
– белодробни инфекции;
– пертусис (магарешка кашлица);
– карцином на белите дробови;
– други заболувања на белите дробови;
– психички нарушувања

За откривање на точната етиологија на хроничната кашлица, потребна е консултација со доктор, кој потоа ќе назначи дополнителни испитувања.

ДРУГИ ПРИЧИНИ

Постназално слевање секрет (или горнореспираторен синдром на кашлање). Носот е дел од респираторниот систем и има свои функции: го затоплува, влажни и филтрира воздухот што низ него минува со тоа што слузницата лачи мукус. Тој е прва бариера на патот на вирусите, бактериите, штетните честички и пареи во воздухот и реагира со зголемено лачење мукус, кој од некаде треба да излезе: или од напред како секреција од носот или, пак, се слева по задниот ѕид во ждрелото и ги дразни нервните завршоци во назофарингсот предизвикувајќи кашлица.

– Пациентите со постназално слевање на секретот повеќе кашлаат ноќе и се жалат на чувство дека имаат нешто назад во грлото. Во третманот на оваа состојба помагаат инхалациите на влажна пареа, промивка/иригација на носот со солена вода. Доколку овие не помогнат, потребна е консултација со лекар – смета д-р Видоевска.

*Астма
Вообичаени симптоми на астмата се свирење во градите (визинг) и отежнато дишење, кашлица. Причината за визингот е појавата на бронхоспазма, односно реверзибилното стеснување на средноголемите дишни патишта и отежнато струење на воздухот во нив, што се манифестира со звучен ефект, визинг. Понекогаш кашлицата е единствен симптом на присутна астма.

– Околу четвртина од случаите со хронична кашлица е поради астмата и најчесто се јавува ноќе или во раноутринските часови. Експозицијата на алергени, домашна прашина, ладен воздух, јаки мириси, физички напор, може да ја влоши кашлицата кај астматичарите. Доколку постои сомнение дека причина за хроничната кашлица е астма, потребни се дополнителни испитувања и потоа соодветно лекување – посочува д-р Видоевска.

*Гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ)
Може да биде причина за хронична кашлица и најчесто е следена со чувство на жарење во градите, иако е можно да нема печење, жарење под градната коска. Многу често ГЕРБ се заборава/занемарува како можна причина за хронична кашлица, а при оваа состојба се случува иритација на хранопроводот и на грлото од вратената желудочна киселина и се јавува кашлица. Овој тип кашлица се влошува во текот на денот или во легната, на грб, позиција. Кај некои од пациентите со кашлица, поради ГЕРБ, нема симптоми на рефлукс, но кашлицата значително им се намалува со третман за ГЕРБ.

*Хроничен бронхитис се дефинира со кашлица и искашлување најмалку 3 месеци годишно во текот на две последователни години. Најчесто се поврзува со пушачка навика (актуелни и поранешни пушачи) и доколку се накалеми инфект, се менуваат типот и квалитетот на кашлицата и искашланицата. Бронхиектазиите се во склоп на деформантен бронхитис и се карактеризираат со постојано искашлување секрет со променлива густина и боја.

*АЦЕ-инхибиторите (лекови во третман на висок крвен притисок), на пример, “еналаприл” (“енап”, “ренаприл”), “лизоноприл” (“скоприл”, “ирузид”, “лоприл”), “периндоприл” (“пренеса”), “рамиприл” (“пирамил”), може да бидат причина за пролонгирана сува кашлица. Дали причина за кашлицата се овие лекови треба е во консултација со лекар кој одлучува за евентуален прекин со овие лекови и нивна замена. Поновата група слични со овие лекови т.н. блокатори на ангиотензинските рецептори (“лосартан”/”лориста”, “валсартан”/”валсакор”/”валсера”) се алтернатива бидејќи значително поретко предизвикуваат кашлица.

Кога на лекар?

Доколку постојат некои од наведените состојби, веднаш консултирајте доктор:

*Ако кашлицата е придружена со фебрилност и експекторација;
*Ако кашлицата перзистира и покрај повлекувањето на сите останати претходни симптоми;
*Ако се промени типот на кашлицата;
*Ако дадената терапија не даде резултат и пое 2 недели;
*Ако искашлувате крв;
*Ако поради кашлицата, не можете да ги завршувате секојдневните обврски и ви го нарушува сонот;
*Ако имате недостиг на воздух и тешкотии со дишењето.

Dnevnik

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top