Во последните 25 години канцерот стана хронична болест, особено ракот на дојките и на гениталиите кај жените. Научниците и лекарите тврдат дека постојат индикации во иднина туморот на дојките да се третира хормонски, низ повеќегодишна терапија.
Посебна група се жените што пред 45-тата година заболеле и се излечиле од канцер, бидејќи кај нив е зголемена можноста порано да влезат во менопауза. Но, ако веќе болеста е победена, тоа не значи дека треба да се прекине со лекувањето и внимавањето на исхраната, напротив треба уште повеќе да се трудите да го зачувате здравјето.
Од оваа тешка болест кај жените остануваат и низа на последици, поради кои треба постојано да внимаваат на продуктите што ги јадат и редовно да се консултираат со лекар.
Менопаузата не е само губење менструација
Раната менопауза кај жените лекувани од рак е повеќе од губење на менструацијата. Најчести тумори со кои се соочуваат младите жени се туморите на дојката, генитално-уринарни и на ректумот. Една од добрите вести е дека тие може да раѓаат (ако заболеле и се излечиле пред 35-тата година), меѓутоа раната менопауза носи многу тегоби. Поради тоа треба да се развие свест и кај лекарите и кај пациентите, третманот да не престане со пропишаната терапија. Неопходно е меѓу пациентката, нејзиното семејство и лекарот да постојат доверба и добра комуникација.
Причини и симптоми за рана менопауза Предвремената менопауза е предизвикана од третманите на лекување на канцерот, а тоа се хируршките зафати, хемотерапија, радиотерапија и хормонската терапија.
Симптомите може да бидат вазомоторни (напади на жештина и потење), нарушувања на сонот, сексуална дисфункција, уринарни инфекции, анксиозност, депресија, когнитивни промени.
Овие симптоми едноставно мора да се лекуваат, бидејќи придружени со страв и стрес водат кон психоемотивни и психосоцијални нарушувања.
Постапки на лекување Лекувањето може да се насочи во два правца, нефармаколошки и фармаколошки, и комбинирано.
Нефармоколошкиот пристап подразбира промена на животните навики и свеста за себе и за болеста, што подразбира, акупунктура, хомеопатија, разни физички активности, особено јога. Со активноста се јакнат коските, се намалува стресот. Корисни се и бихевиорални релаксициони сеанси, третман со фитоестроген.
Фармаколошкиот третман се заснова на селективни инхибитори, серотинин и со невроендокрини агенси.
Сексуална дисфункција
Ова е непријатна појава при предвремената менопауза и за пациентката и за нејзиниот партнер. Симптомите се избегнување сексуален однос и интимност, губење на самодовербата и на чувството на женственост, преокупираност со секојдневните проблеми, што резултира со губење на волјата за нормален живот.
Проблемите стануваат емотивни, се нарушуваат односите со партнерот, се губи социјалната смисла за животот, се појавуваат и семејни проблеми, особено ако пациентката нема деца.
Поради сево ова, третманот на жените што се излекувале од канцер и се соочуваат со рана менопауза е од особена важност бидејќи да го преживеете ракот не значи да останете жив и да ги занемарите последиците од лечењето, туку да им обезбедите квалитетен живот на жените со што помалку патење, бидејќи тоа го скратува животот исто како и болеста.