Одвај ја дочекавме пролетта, за некаде во природа да ја впиваме топлината на сончевите зраци и да ја добиеме првата боја. За штетното УВ зрачење и не размислуваме, затоа што мислиме дека уште е рано, но црвенилото на лицето и дамките предупредуваат да бидеме внимателни.
Лекарите истакнуваат дека, поради оштетениот озон, зрачењето во април може да биде силно како и во август. Иако не е лето, внимавајте кога сте надвор. Се што се важи за летните денови, применете и сега: мачкајте се со крем со висок заштитен фактор, носете памучни маици со долги ракави, очила за сонце и шешир.
Американските Научници заклучиле дека голем број луѓе се запознаени со опасностите кои им се закануваат од априлското сонце, но поради желбата да добијат бронзен тен се подготвени да ризикуваат. Го игнорираат фактот дека УВ зраците можат да доведат до промена во ДНК структурата на клетките, а со тек на време тоа доведува до рак на кожата.
Многу луѓе се толку зависни од сончање, особено во пролет, што не се грижат за предупредувањата од лекарите. Психијатрите тоа го нарекуваат тенорексија, а се манифестира така што зависникот од сончање мисли дека е премногу блед, дури и кога кожата му е „јагленисана“, токму како што анорексичните се убедени дека се дебели иако се премногу слаби.