Калинката (lat. Punica granatum) е едно од најстарите овошја познато на човештвото. Записи може да се најдат во повеќе култури и религии. Ова хранливо овошје богато со антиоксиданси отсекогаш било почитувано како симбол на здравјето, плодноста и вечниот живот. Многу се популарни сокот, семките и маслото.
Повеќе студии потврдиле дека се работи за едно од најлековитите овошја на светот поради благотворното дејството на кардиоваскуларниот и нервниот систем и врз коските.
Состав и лековитост
Калинката е одличен избор на витаминот Б5, калиум, природни феноли како алагитанинот и на флавоноиди. Сто грама калинка содржи 16 отсто од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Содржи фитохемикалии што го поттикнуваат создавањето на серотонинот за подобро расположение и естрогенот за одржување на коскената маса. Ова откритие е битно за превенцијата од остеопорозата. Клиничките истражувања покажуваат дека супстанциите што се најдени само во калинката, пуницалагините, се добри за здравјето на срцето и на крвните садови. Го намалуваат холестеролот и притисокот и го забрзуваат разложувањето на наслагите во крвните садови настанати од артериосклерозата.
Пуницалагините се главен извор на антиоксидативното дејствување на калинката. Покрај користа за срцето и крвните садови, состојките на калинката го инхибираат растот на ракот на дојката, простатата, дебелото црево, леукемијата и ги спречуваат промените што го поттикнуваат растот на туморите.
Докажано е дека чаша сок од калинка дневно има посилно антиоксидативно дејствување од чаша црно вино или зелен чај, додека, пак, екстрактот од калинка влијае и до 10 пати посилно.
За зајакнување на имунитетот и за превенција на здравствените нарушувања стручњаците препорачуваат дневно да пијат 2,5 децилитра свежо исцеден или квалитетен купен сок од калинка.
Сокот од калинка е корисен за:
го намалува ризикот од неколку вида рак
штити од остепороза и од Алцхајмерова болест
го јакне имунитетот
ги уништува ешерихија коли и стафилококите
го забавува стареењето
го чува здравјето на срцето и на крвните садови
ја подобрува еректилната функција
го подобрува квалитетот на спермата
Масло од калинка
Маслото од калинка е богато и хранливо и може да се применува локално и орално во козметички и во медицински цели. Има естрогенски, антивоспалителни и антимикробни својства. Истражувањата покажуваат дека маслото од калинка штити од рак, дијабетес, прекумерна дебелина и срцеви болести, а богатството од антиоксиданси го прават моќен сојузник против стареењето. Неговите состојки пуницичната и елагичната киселина ја лекуваат, зацелуваат и хидратизираат сувата, испукана, уморна и иритирана кожа. Ја враќаат еластичноста на кожата и истовремено се борат против егземата, псоријазата и од сонце изгорената кожа. Масните киселини ги намалуваат отоците и болките во мускулите.
Изобилува со фитоестрогени што ги олеснуваат симптомите на менопаузата и перименопаузата, како што се валунзите, промените на расположението, ноќното потење и намаленото либидо.
Маслото од калинка може да се користи локално, орално и за масажа.
Како средство за нега на кожата обично се меша со другите базни масла за да се забрза неговата апсорпција и да се подобри текстурата на кожата. Од него се прават сапуни, масла за масажа, луксузна козметика за лице и други производи за убавина.
Во кујната од калинка се подготвуваат желеа, слатки, сирупи, меласа, сокови, ликери, вино, оцет и чај.
Оцет
Една до две калинки иситнете и ставете ги во шише заедно со корката. Прелијте со еден литар јаболков оцет и оставете кората да кисне 30 дена, па процедете. Се препорачува како зачин за салати за луѓето кои имаат амеби или други цревни паразити.
Јогурт со калинка
Состојки:
1 литар јогурт
2 лажици мед
половина лажиче вода од цвет од портокал
1 голема калинка
Измешајте ги сите состојки и сервирајте со ливчиња од нане и интегрален кекс.
Сорбе од калинка
Состојки:
три шолјички ладен сок од калинка
половина шолјичка мед или сок од агава
сок од еден лимон
Сокот добро помешајте го со медот или со сирупот од агава, па додајте го лимоновиот сок . Откако ќе го оставите 3 часа во замрзнувач, можете да уживате во овој исклучително здрав и вкусен десерт.
Како се чува?
Калинката расте како грмушка, цвета во лето, а созрева наесен. Се сади во заветрина на јужна страна бидејќи ~ треба повеќе сонце. Плодовите се тешки и тркалезни, а по берењето повеќе не зреат и затоа нема да станат послатки ако ги оставите да отстојат.
На собна температура плодот може да стои еден месец, во фрижидер два месеца. Исчистената калинка може да се замрзне до една година, а свежиот сок може да стои во фрижидер најмногу три дена.
Dnevnik