Бубрежно затајување може да се случи секому, посебно по тешка операција, дури и на оние пациенти кои претходно немале никаков проблем со бубрезите. Кои се причините, подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, се теми на кои светската медицинска јавност забрзано истражува.
Што е ново во светот, што се применува во Македонија и што може да се направи – на оваа тема врвни лекари од Македонија и странство дебатираат во рамки на собранието на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија
Седум до осум отсто од вкупниот број пациенти кои одат за операција може да развијат акутна бубрежна инсуфициенција. Оваа компликација е поврзана со многу висок морталитет. Кога еден пациент ќе развие таква компликација смртноста е над 70 отсто. Значи станува збор за еден голем и чест проблем.
Ова денеска го истакна претседателот на Здружението, академик д-р Жан Митрев пред почнувањето на третото собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија на тема „Акутна бубрежна инсуфициенција на одделите за интензивно лекување“, кое се одржа денеска во Скопје.
Акутната бубрежна инсуфициенција, посочи тој, се случува и кај политрауми, разни тешки инфективни состојби.
– Секој потешко болен пациент кој оди на операција независно за која операција станува збор, може да развие акутната бубрежна инсуфициенција бидејќи голем дел од пациентите се на преодна граница каде бубрежната функција е веќе пореметена заради дијабетес, други системски заболувања, хипертензија, потенцира Митрев.
На тој начин, нагласи тој, доаѓа во активација или до нагол прекин на функцијата на бубрезите и со тоа се јавува голем проблем за докторите како да го лекуваат тоа и за пациентот тоа да го преживее.
– Има можности за модерен и ефективен пристап и ефективно лекување на оваа состојба каде преживувањето драстично се зголемува, додаде Митрев.
Медицинскиот директор на истражувачката програма и медицински директор на Гамбро болницата во Минхен, Каи Херенски рече матичните лекари веќе се загрижени за цената која овој третман ја повлекува и се размислува за една друга варијанта, за скрининг на пациентите за да може да се спречи појавата на оваа состојба.
На собирот се дискутира за причините, за подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, што е ново во светот и што се применува во Македонија.
Што е Акутната бубрежна инсуфициенција
Акутната бубрежна инсуфициенција, или скратено АБИ, е ненадејно губење на способноста на бубрезите да ја вршат нивната основна функција – елиминирање на вишокот течности и електролити, како и отпадниот материјал од крвта.
Кога бубрезите ја губат филтрирачката способност, во телото се акумулираат опасни нивоа на течности, електролити и отпадни материјали. Акутната бубрежна инсуфициенција се развива брзо, во текот на неколку часа или неколку дена
Таа се јавува често кај луѓе кои веќе се хоспитализирани, особено кај критично болните луѓе кои имаат потреба од интензивна нега. Акутната бубрежна инсуфициенција може да биде фатална и бара интензивен третман. Но, таа може да биде реверзибилна состојба. Ако пациентот е во добра здравствена состојба, тогаш големи се шансите ако благовремено се реагира, да се поврати нормалната бубрежна функција.
Акутната бубрежна инсуфициенција се случува кога бубрезите одеднаш стануваат неспособни да ги филтрираат отпадните материи од крвта. АБИ се јавува кога некоја состојба ги оштетува бубрезите, или кога некоја состојба го забавува протокот на крв низ нив. Акутната бубрежна инсуфициенција, исто така, може да се случи кога отпадните материи филтрирани од страна на бубрезите, не се во можност да се исфрлат од телото преку урината.
Знаците и симптомите на АБИ може да вклучат:
- намален волумен на урина, иако повремено уринарниот волумен останува нормален
- задршка на течности, што предизвикува отекување на нозете, глуждовите или нозете
- дремливост
- недостаток на воздух
- замор
- збунетост
- гадење
- напади или кома во потешките случаи
- градна болка или притисок
Понекогаш, акутната бубрежна инсуфициенција не предизвикува никакви симптоми и знаци, и случајно се открива преку лабораториски тестови кои се направени поради некоја друга причина.
Потенцијалните компликации од акутната бубрежна инсуфициенција вклучуваат:
Трајно оштетување на бубрезите. Повремено, АБИ предизвикува трајна загуба на бубрежната функција, или терминален стадиум на бубрежна болест. Луѓето со терминална фаза на бубрежна болест им е потребна дијализа – процес на механичка филтрација на крвта за отстранување на токсините и отпадниот материјал од телото – или трансплантација на бубрези за да преживеат.
Смрт. Акутната бубрежна инсуфициенција може да доведе до губење на функцијата на бубрезите, и консеквентно до смрт. Ризикот од смрт е највисок кај пациентите кои имаат бубрежни проблеми пред појавата на АБИ.
Лекување
- Лекувањето на акутната бубрежна инсуфициенција вклучува откривање на болест или повреда која примарно ги оштетила бубрезите. Опциите за лекување ќе зависат од она што ја предизвикало АБИ. Лекување на компликации додека бубрезите не закрепнат:
- Нормализирање на рамнотежата на состојките во крвта. Акутната бубрежна слабост, понекогаш е предизвикана од недостаток на течност во крвта. Во овој случај, лекарот може да ординира поставување на интравенски течности. Во други случаи, АБИ може да е предизвикана од вишок на телесни течности, што доведува до отоци на рацете и нозете. Во овие случаи, се препишуваат диуретици, за да се исфралат непотребните течности од телото.
- Лекови кои го контролираат калиумот во крвта. Ако бубрезите не го филтрираат калиумот од крвта нормално, тогаш лекарот може да препише калциум, гликоза или натриум полистирен сулфонат, за да се спречи акумулација на високи ниоа на калиум во крвта. Премногу калиум во крвта може да предизвика опасни аритмии.
- Лекови за нормализирање на нивото на калциум во крвта. За оваа состојба, потребна е интравенска инфузија со калциум.
- Дијализа. Ако се насоберат токсини во крвта, потребно е пациентот да се подложи на привремена хемодијализа, за да се отстранат вишокот на течности и отрови од телото, додека закрепнат бубрезите. Со помош на дијализата, се отстранува и вишокот на калиум од телото.