Децата, кои не се соочуваат со застрашувачките ситуации се изложени на поголем ризик да развијат анксиозно нарушување. Истражувањето на клиниката Мејо вклучи над 800 деца, на возраст од седум до 18 години, а истражувачите користеле две анкети од по осум прашања, една за родителите и една за децата.
Родителската анкета содржела прашања за тенденциите на нивните деца да избегнуваат застрашувачки или непријатни ситуации. На пример: „Кога на вашето дете му е страв или е загрижено поради нешто, дали сака да го одложи соочувањето со таа ситуација?“.
Детската анкета барала од децата да го опишат начинот, на кој избегнуваат одредени ситуации. На пример: „Кога ми е страв на некого да му се обратам, тогаш воопшто и не му се обраќам“.
Децата, кои покажале тенденција на избегнување на застрашувачки или непријатни ситуации имале поголема веројатност да развијат симптоми на анксиозност една година подоцна, според студијата, објавена во списанието „Behavior Therapy“.
– Тој нов пристап може да ни овозможи да ги идентификуваме децата, кои имаат ризик за развивање на анксиозно нарушување, изјави лидерот на истражувањето Стивен Вајтсајд, педијатриски психолог на Детскиот центар на клиниката Мејо.
Когнитивната терапија на однесување се фокусира на намалување на избегнувањето на одредени ситуации.
Вајтсајд истакна дека 25 деца со нарушувања ја минале терапијата на која биле изложени на непријатни и за нив застрашувачки ситуации. Терапијата на крајот довела до пониско ниво на избегнување на слични ситуации.
– Децата кои избегнуваат страшни и непријатни ситуации немаат прилика да се соочат со своите стравови, па така не учат како да управуваат со своите потешкотии и стравови, појасни Вајтсајд.