Карактеристично е за детската возраст, со почеток во првите пет години од животот.
Самото име на болеста ни навестува за што станува збор. Зборот атопичен укажува на наследната компонента на болеста, додека зборот дерматитис на воспалението на кожата што се јавува. Причината за појава всушност е сплет на повеќе фактори, почнувајќи од генетичката предиспозиција како основа на која се надоврзуваат голем број тригер-фактори, надворешни (алергени) и внатрешни (психички). Лицата што се наклонети да развијат атопичен дерматитис обично имаат светол тен, сини очи, сува и чувствителна кожа, а во семејството честопати има историја за други алергиски болести, како алергиски ринитис, астма или поленска треска.
Она што всушност се случува е намалување на одбранбената моќ на кожата, со нарушување на нејзиниот одбранбен липиден слој поради недостиг од гама-линоленската киселина, кожата станува сува, се зголемува загубата на вода и навлегувањето на алергените од надворешната средина, со што се зголемуваат воспалението и нејзината чувствителност.
ФОРМИ НА БОЛЕСТА
Разликуваме три форми на атопичен дерматитис:
Прва фаза (инфантилен) се јавува од третиот месец до крајот на втората година од животот, кога промените се во форма на црвенило, сувост и исип на кожата на образите, скалпот, зглобовите и надворешната страна на екстремитетите, лицето и вратот.
Втора фаза (детски) се јавува од две до 12 години, со црвено-виолетови егзематични промени што интензивно чешаат локализирано главно на внатрешната страна на зглобовите, на вратот и на лицето.
Трета фаза (возрасен) се јавува по 12 година, во форма на егзем на дланките и јазолчиња што чешаат.
Главен симптом кај атопичниот дерматитис е интензивниот јадеж, кој неизбежно предизвикува чешање, создавајќи еден маѓепсан круг на јадеж-чешање-јадеж, кој сѐ повеќе ја влошува клиничката слика и затоа со право за оваа состојба се вели дека е јадеж што исипува. Нападите на јадеж се проследени со нервоза и со бессони ноќи, поради што овие пациенти честопати оддаваат изглед на уморни, ненаспани лица, а децата се нервозни и плачливи.
Како најчести фактори се споменуваат различни алергени, храна, емоционални фактори, климатски фактори, кои својот врв го достигнуваат во сезоната есен-зима. Поради нарушената одбранбена моќ на кожата постои склоност кон суперинфекции со бактерии, габи и вируси.
ДИЈАГНОЗА
Дијагнозата на болеста се поставува врз основа на клиничката слика од страна на искусен дерматолог. Алерголошки тестирања кај овие пациенти често се позитивни на поголем број алергени.
Лекувањето на атопискиот дерматитис е сложено и макотрпно. Она што е најважно се добрата едукација и соработка меѓу пациентот, родителите и докторот, за правилно менаџирање на болеста. Основниот терапевтски протокол, во прв ред како терапија од избор, ја посочува медицинската козметика, т.е. емолиентните кремови и масти наменети за оваа состојба. Механизам на дејство на емолиентите е обновување на заштитниот хидролипиден филм на кожата и задржување на водата во епидермисот. Тие го ублажуваат јадежот, го намалуваат лупењето и ја влажат кожата правејќи ја мека и еластична. Кај потешките клинички слики во терапијата е неизбежна употребата на лесни и средно потентни кортикостероидни кремови за стабилизација на болеста, калциневрински инхибитори, орални и топични антибиотици и антихистаминици за намалување на јадежот. Пациентот сам ќе си помогне доколку ги избегнува можните алерголошки иритирачки супстанции. Така овие пациенти треба да избегнуваат користење иритирачки средства за хигиена, како јаки сапуни, прашоци и омекнувачи за алишта, волнена и синтетичка облека, одредени прехранбени продукти, да обрнат внимание на чистотата во нивниот дом и влажноста на воздухот во просториите.
Атопискиот дерматитис е болест со многу сложена етиопатогенеза и клиничка слика, во одредени случаи тешка за менаџирање, поради што треба да се предаде во рацете на искусен дерматолог, кој најточно ќе го одреди текот на терапијата.
Нова Македонија