Фармацевтите и некои од пулмолозите велат не е с` така црно со нашите бели дробови во услови на загаден воздух – некои од штетните честички може да бидат елиминирани од организмот преку црниот дроб, бубрезите. Важно е да се пијат доволно вода и чаеви – особено од лист од подбел, може и мајчина душица, риген, жалфија…
Внесувањето многу течности помага за детоксикација
Фармацевтите со став дека, ако дојде до внесување отрови во дишните патишта, без разлика дали се органски или неоргански, организмот се обидува да ги исфрли и да се детоксицира преку метаболистичките процеси.
– Човечкото тело претставува универзален систем кој функционира беспрекорно. Најчесто елиминацијата на штетните состојки се врши преку црниот дроб, бубрезите, косата, но и преку ноктите. И внесувањето многу течности помага да дојде до детоксикација, како и пиењето чаеви, кои ја зголемуваат бубрежната функција. Имаме лекови и во случаи кога тешки метали се внесуваат во организмот и во крвта, со кои вршиме хелирање (елиминација) на металите при работа во железарници, рудници. Тогаш се даваат лекови кои го одложуваат врзувањето на тешките метали и нивна елиминација преку бубрезите – категоричен е Илчо Захариев, магистер по фармација.
Тој особено го препорачува чајот – „хелабсин микс“, кој е мешавина од наши лековити растенија.
– Овој чај неверојатно ја стимулира функцијата на црниот дроб, со што се подобрува и елиминацијата на отровите. А за дишните патишта, важно е, посебно скопјани, да пијат чаеви од лист од подбел, може и од мајчина душица, риген, цвет од бозел и од невен, лист од тегавец, како и босилек. Kога треба да се искашла слузта, може да се пие и чај од јаглика, лист од лопен, кој го подобрува искашлувањето, а може и липа и жалфија, кои го намалуваат воспалението и го олеснуваат дишењето – додава Захариев и советува граѓаните, кога можат, да излезат надвор од загадените градови.
Честичките влегуваат во крвта
На прашањето постои ли шанса да ги исчистиме белите дробови од загадениот воздух што скопјани го вдишуваат деновиве и дали и како организмот би можел да се детоксицира, стручњаците од Институтот за јавно здравје се категорични:
– Честичките од загадениот воздух влегуваат во крвта на човекот и влијаат многу лошо, без оглед дали органски или неоргански, а детоксикација не доаѓа предвид. Ефектите се различни – оние честички што настануваат од согорување и се од органско потекло ги поврзуваат со канцерогени својства – 20-30 отсто од честичката е канцероген, а останатиот дел механички ги оштетува белите дробови. Тие се таложат и делумно ги затнуваат дишните патишта, со што создаваат основа за развој на белодробните заболувања – тврди проф. д-р Драган Ѓорѓев, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Институтот.
Тој појаснува дека ситните честички поминуваат во крвта и го забавуваат протокот, па може да доведат до коагулација и до тромботични промени, кои се најопасни за срцето и за мозокот.
– Дури и срцевите инфаркти и мозочните удари ги поврзуваат со изложеноста на овие честички, чија опасност за здравјето е опишана во многу научни студии во светот, направени во лабораториски услови. А за тоа дека има поврзаност помеѓу честичките и случаите на срцев инфаркт и на мозочен удар, беше презентирано и на состанок на Светската здравствена организација, што годинава се одржа во Бон, Германија – нагласува д-р Ѓорѓев
Дневник