Ракот на дебелото црево, односно колонот, е една од најчестите појави. Речиси секој петнаесети човек развива ваков вид на канцер.
Како и да е, доколку се дијагностицира во раната фаза, тогаш ова заболување може да се излечи во целост. Овој текст ќе ви помогне да разберете на кратко што значи ракот на дебелото црево и кои се можните третмани за негово лекување.
Анатомија
Дебелото црево е дел од дигестивниот систем. Најнапред, проголтаната храна поминува низ езофагусот кој претставува цевка која ја носи храната до желудникот. Откако ќе стигне во желудникот храната се обработува механички, односно со помош на стомачната киселина таа се омекнува. Вака обработената храна од желудникот преминува во тенкото црево, каде се дообработува и делумно се абсорбира. Преработената храна на крајот стигнува до дебелото црево, каде се отстранува водата и останатите хранливи материи, а она што останува е всушност изметот. Овој остаток се складира во крајниот дел на дебелото црево пред да биде изфрлен.
Секако дека и во овој орган има крв, артериите ностат прочистена крв до него, а вените ја враќаат крвта до срцето. Лимфата исто така игра огромна улга, таа помага при дренирање на течноста која излегува и навлегува во крвниот систем. Лимфните јазли помагаат при борбата со инфекциите кои се јавуваат во дебелото црево како и со туморните клетки кои се развиваат, се со цел да не се прошират низ целиот организам.
Дебелото црево е составено од неколку делови: асцедентен дел, трансверентен дел, десцедентен дел, сигмоиден дел, ректум и анус.
Ракот и причините за негова појава
Целиот организам е составен од многу мали клетки. Нормалните и здрави клетки растат и имаат свој век на живеење и сето тоа се случува преку еден контролиран начин од страна на нашето тело. Понекогаш клетките наместо да умрат, тие продолжуваат неконтролирано да растат и да се делат предизвикувајќи абнормален раст наречен тумор.
Доколку туморот не се прошири во околното ткиво, се нарекува бениген тумор или не канцероген тумор.
Ракот на дебелото црево се создава со раст на клетки кои се наречени полипи. Клетките од овие полипи може да продолжат да растат неконтролирано. Доколку не се дијагностицираат на време тие може да станат канцерогени. Но ако се откријат на време тие се отстрануваат со што се избегнува понатамошен раст и појава на рак.
Доколку туморот се прошири на околното ткиво и ги уништи околните здрави клетки, тогаш тој тумор се нарекува малиген тумор или рак (канцер).
Канцерогените клетки може да се прошират на било кој дел од органзимот преку крвните и лимфните садови.
Третманот на ракот всушност е процес кој ги убива или го контролира абнормалниот раст на канцерогените клетки.
Клетките во организмот содржат населден материјал „спакуван“ во хромозоми. Овој наследен материјал всушност го контролира растот на клетките. Ракот најчесто се јавува поради промени кои настануваат во хромозомите. Кога овој наследен материјал ќе стане абнормален ја губи можноста да го контролира растот на клетката. Ненадејната промена во овој материјал може да настане од различни причини како што е изложување на организмот на надворешни фактори како инфекции, разни лекови, хемикалии и сл.Ракот на дебелото црево најчесто е генетска појава, па се препорачува доколку некој во фамилијата боледувал од оваа болест, останатите членови често да прават контроли. Некои генетски абнормалности го зголемуваат ризикот за појава на рак на дебелото црево, како и појава на рак на простата кај мажите.
Долготрајно воспаление на дебелото црево кое е наречено колитис исто така може да го зголеми ризикот од појава на рак на дебелото црево. Препорачливо е луѓе кои страдаат од колитис да прават редовни прегледи со цел да се спречи појава на ова заболување.
Многу истражувања докажаа дека кај луѓе кои конзумираат почесто растителни влакна и внесуваат помалку маснотии , можноста за развој на ваков вид на рак е намалена за разлика од оние луѓе кои често внесуваат масна и брза храна. Но исто така во поново време се добија резултати од многубројни истражувања кои докажаа дека секојдневната употренба на ацетил салицилна кислена во голема мера го штити дебелото црево од појава на рак.
Симптоми
Најдобриот и најефикасниот начин за третман на оваа болест е нејзиното рано откривање, толку рано, пред да предизвика појава на било какви симптоми.
Најчести симптоми на ова заболување се:
Промена на начинот на дефекација, односно појава на диареја или пак опстипација
Чувство на непотполна испразнетост
Присуство на крв во столицата
Потенок измет од вообичанео
Зачестена појава на гасови и надуеност
Губење на телесна тежина без видливи причини
Чувство на замор, гадење и повраќање
Често овие симптоми не се поврзани со појавата на рак на дебелото црево, но доколку се појават повеќе од три од овие симптоми, веднаш треба да се посети доктор со цел да се прегледа пациентот и да се интервенира што побрзо доколку е тоа потребно.
Колку често треба да се прават испитувања на дебелото црево зависи од повеќе фактори како што е возраста, семејната историја на болести, како и личната историја на болести.
Кај пациенти кои имаат веќе некакво заболување на дебелото црево или пак постои фамилијарна историја на ваков тип на заболувања, испитувањата на дебелото црево треба да се прават почесто. Доколку не се открие при рутинско испитување или тестови, ракот на дебелото црево може да се јави на различни начини.
Крвните садови кај заболени од рак најчесто се покршливи и имаат тенденција да крварат полесно отколку оние здравите крвни садови, па затоа доколку постои рак на дебелото црево, тој ќе предизвика крварење во самото црево. Тогаш оваа крв се појавува во изметот.
Во зависност од тоа колку е оддалечен ракот од ректумот, крвта која се јавува во изметот може да биде светло црвена или пак да ја обои целосно столицата давајќи и темна боја.
Појавата на крв во столицата, не значи секогаш присуство на рак во дебелото црево. Постојат други здравствени состојби кои може да доведат до оваа појава како што е чир , хемароиди, воспаленија, исто така и промена во конзистенцијата на столицата, како што е појава на запек или дијареа, може да биде предизвикана од многу други причини.
Доколку ракот на дебелото црево е доста голем, тогаш најчесто настанува опстипација односно запек. Во ваков случај кај пациентот се јавуваат стомачни болки пропратени со гадење, понекогаш повраќање и неможност за преминување на гасовите и столицата надвор од цревото.
Начини на откривање на ракот на дебелото црево
Еден од наједноставните начини со кој лекарот би можел да се посомнева на присуство на рак во дебелото црево е крвна слика на пациентот и изглед на изметот. Доколку се појави крв во столицата и анемија во крвната слика, тогаш лекарот заклучува дека ова појавено крварење трае подолго време и секако дека остава простор за сомневање на присуство на ова заболување. Сепак следат и други видови на испитувања.
Рутински дигитални ректални испитувања се користат за да се детектира ткиво кое е во фаза на интезивен раст како што е ракот, тоа се таканаречени просторни испитувања на дебелото црево.
Постојат два вида на вакви испитувања, едниот вид е наречен сигмоидоскопија, каде докторот поставува ригидно црево во ректумот и во сигмоидниот дел на дебелото црево, односно во најдолниот дел на цревото, по што може да се гледа во внатрешноста на самото црево, и да се бараат неправилности.
Другиот вид на вакво испитување се нарекува колоноскопија. За овој начин на испитување, докторот внесува подолго и пофлексибилно црево преку ректумот се до првиот дел на колонот наречен асцедентен дел.
При овие видови на испитување, доколку се забележи зголемен раст на клетките, тогаш постои можност да се отстрани еден мал дел од нив со цел да се изврши биопсија на материјалот кој бил земен за да се обезбеди сигурност, дали се работи за малиген или пак бениген тумор.
Доколку веќе се потврди присуство на канцероген тумор, тогаш неопходно е да се започне со лекување.
Третман
Кај повеќето пациенти се прави хируршки зафат преку кој се отстранува голем дел од ракот. При овој зафат се отстранува и дел од лимфните јазли во пределот на стомакот, со цел да се изврши испитување дали ракот се проширил низ крвта и лимфата. Доколку се потврди дека ракот се проширил на некој друг орган тогаш можно е и негово отстранување.
Во зависност од тоа колку брзо расте ракот и дали се проширил на други органи одредена терапија може но и не мора да биде потребна после операција. Доколку е потребна терапија тогаш онкологот може да препорача терапија со радијација или хемотерапија. Терапијата со радијација се користи кај пациенти каде ракот го зафатил ректумот. Понекогаш се препорачува и пред операција. Оваа терапија претставува серија на третмани со радијација на висока енергија на делот каде што се наоѓа ракот. Најчесто се применува еднаш дневно за време на викендите и најчесто трае неколку недели.
Хемотерапијата се дава орално или преку крвта. Со неа се третира ракот со употреба на многу силни хемиски средства кои често предизвикуваат гадење, повраќање и опаѓање на косата.
Пациентите со рак на дебелото црево имаат голема можност да бидат излекувани во целост доколку оваа болест се открие многу рано и доколку се третира правилно.
Автор M-r Ph Марија Петреска