Не е тајна дека кантата за отпадоци, веце школката и подот во бањата се прекриени со бактерии и најразлични микроорганизми. Токму затоа тие се местата на кои најмногу се концентрираме за време на чистењето. Но, бактериите ги има насекаде, вклучително и на површините кои редовно ги прескокнуваме при чистењето.
Знаете ли дека кујнскиот сунѓер е највалканото место во домовите? Ве изненадува ли фактот дека кујната крие повеќе бактерии од која било друга просторија во домот?
Некои бактерии се безопасни, други се дури и полезни за здравјето, но има и бактерии кои предизвикуваат најразлични болести. Се смета дека во текот на 30 минути допираме околу 300 различни површини, а во меѓувреме си го допираме лицето најмалку 9 пати, што значи дека особено им олеснуваме на бактериите да стигнат до носот и устата и да го нападнат нашиот организам.
Никој не советува опсесивно да се внимава на хигиената, но пожелно е да бидеме малку попретпазливи и во текот на чистењето да не ги прескокнуваме следниве места низ домот, кои се рај за бацили:
Сунѓерчето во кујната
Кујнското сунѓерче е најголем извор на бактерии во домот. Истражување на Универзитетот Аризона минатата година покажа дека сунѓерчето во кујната е за 200.000 пати повалкано од капакот на тоалетната школка. Зошто? Меката структура со шуплини е идеално скривалиште на бактериите, бидејќи е тешко да биде дезинфицирана. Бришејќи ја масата и миејќи ги чиниите со ист сунѓер, вие ги разнесувате бактериите насекаде.
Совет: Ставете го мокриот сунѓер во микробранова печка околу 2 минути за да уништите поголем дел од бактериите. Препорачливо е тоа да го повторувате секој ден. Менувајте ги сунѓерите еднаш на две седмици и секогаш чувајте ги на место кое им овозможува да се сушат.
Кујнскиот мијалник и чешмата
Во мијалникот најчесто завршуваат остатоците од храната, валканите чинии и нечистотиите од измиените намирници. Поволни услови за размножување на бактерии создава и постојаната влажност на површината на мијалникот.
И рачката на чешмата е магнет за бактерии. Само размислете, по секое допирање на живо месо, како добра домаќинка, сигурно прво се фаќате за рачката на чешмата за да си ги измиете рацете. Не е тешко да си претставите дека сите бактерии од кои сакате да се ослободите завршуваат на рачката, а при затворањето на водата, дел од нив се враќаат на рацете.
Совет: Барем еднаш неделно дезинфицирајте го мијалникот со соодветно средство, а секојдневно мијте го со жешка вода и средство за миење садови. Не ги заборавајте рачките на чешмата.
Даската за сечкање
Сечкањето на различни видови храна на иста даска може да биде многу опасно. Живото месо содржи многу бактерии, па тие лесно можат да се пренесат на зеленчукот, овошјето и другите производи кои се консумираат свежи.
Совет: Мијте ја даската темелно со жешка вода и средство не само откако ќе завршите со готвење, туку и меѓу сечкањето различни типови храна.
Шминките и несесерот
Не се сеќавате кога бил последниот пат кога сте го испрале несесерот за шминки? Во женските несесери освен колекции шминки, се кријат и многу бактерии. Секоја бактерија од несесерот или од лицето и рацете може да ја зарази шминката, а последиците да бидат кожни или очни инфекции.
Совет: На секои 2 седмици чистете ги четките за шминка со млака вода и бебешки шампон. Многу е важно да ги перете и несесерите. Заменувајте ја шминката со нова откако ќе измине препорачаниот рок за употреба.
Женските чанти
Поради страв да не ја изгубат формата или изгледот, многу жени не ги перат чантите, што ги прави идеален дом за бацилите. Доколку ја оставате чантата насекаде – на лабавото во јавните тоалети додека си ги миете рацете, на подот во домот – бидете сигурни дека сте насобрале купишта бактерии. Експертите предупредуваат дека на женските чанти има бактерии кои обично живеат во тоалетите и можат да предизвикаат кожни инфекции или дијареја.
Совет: Одвреме-навреме бришете ги чантите со антибактериски влажни марамчиња. Доколку станува збор за кожена чанта, внимавајте на хемикалиите кои ги има во влажните марамчиња.
Перените мокри алишта
Влажната облека оставена во машината за перење станува расадник на бактерии. Бактериите од едно парче облека лесно се распространуваат, а потоа брзо се размножуваат додека се оставени во влажната и темна внатрешност на машината.
Совет: По перењето на алиштата, веднаш простирајте ги да се сушат. Не заборавајте да ја оставате вратничката на машината отворена за таа да се суши и внатре.
Рачките од вратите
Ретки се домаќинките кои при чистењето не ги „забораваат“ рачките на вратите. На кваките, освен бактерии, остануваат вируси на грип и настинка, како и многу други микроорганизми.
Совет: Користете антибактериски влажни марамчиња или раствор од средство за чистење и вода за да ги дезинфицирате сите кваки во домот најмалку еднаш седмично.
Држачот за четки за заби
Со секое пуштање на вода во тоалетната школка, насекаде низ бањата се разлетуваат бактерии, а дел од нив слетуваат на држачот за четки за заби или врз самата четка.
Совет: Мијте го држачот за четки најмалку еднаш неделно со жешка вода и средство. Чувајте ја четката заштитена, но во кутија која овозможува струење на воздухот за таа да може да се суши. Менувајте ја четката за заби на секои 3-4 месеци.
Фиксниот телефон и далечинскиот управувач
Телефонот и далечинскиот управувач веројатно се на дното на листата на предмети за чистење на домаќинките. Сите го бришат телевизорот, но малку посегнуваат и по далечинскиот управувач на кој има многу бактерии, особено во домовите во кои живеат и мали деца.
Фиксниот телефон исто така е магнет за бактерии и вируси. Доволно е еден член на семејството да има грип или настинка, за да им го пренесе вирусот и на останатите.
Совет: Бришете ги далечинскиот управувач и телефонот еднаш неделно со влажна крпа натопена во раствор од бел оцет и вода или алкохол. Веднаш потоа, бришете ги и со сува крпа.
Компјутерските тастатури
Компјутерските тастатури се колекционери на бактерии, бидејќи многу тешко се чистат. Доволно е да кивнете во тастатурата или неколку пати да седнете да пишувате со валкани раце, за да ја претворите тастатурата во закана за здравјето.
Совет: Мијте ги рацете пред и по користењето на тастатурата. Ако јадете во близина на тастатурата, внимавајте да не ви паѓаат трошки меѓу копчињата. Чистете ја тастатурата еднаш неделно со алкохол. Не го заборавајте и глувчето.
http://www.femina.mk