Free songs
Home / сведоштва / Вистински приказни од скопјани излечени од рак

Вистински приказни од скопјани излечени од рак

Вистинска приказна на пациент излечен од рак на тестис

Роден сум во Скопје, во 1978 година. Работам и живеам во мојот роден град. Искрено, не сакам многу да зборувам за мојата историја на болест, но кога бев замолен од страна на мојата почитувана докторка Лилјана Ацева – Андонова и кога ми беше кажана нејзината идеа за поставување на македонски веб портал за ракот, без размислување прифатив да го напишам она низ што сум поминал.

Се започна летото1998 година. Во август месец, чистејќи го дворот во мојата викендичка, подигнав еден предмет кој беше доста тежок. При тоа почувствував силна болка во пределот на десната препона. Мислев дека болката ќе ми помине за кратко и сé ќе се среди. Но, болката ја имав и наредните денови. Помислив дека, од кревањето на тешкиот предмет добив народски кажано “кила”, но покрај болката што ја имав, чуствував и некое воспаление во пределот на десниот тестис.

Почнав да пијам најразлични антибиотици и таблети против болка. Така помина една седмица како јас живеев во надеж дека ќе ја снема болката и црвенилото што се јави во пределот на десниот тестис. На осмиот ден почувствував болка при подигнување на тестисите и што беше зачудувачки напипав тврдина со големина на зрно грашок на десниот тестис, со неправилен облик.

Следниот ден побарав помош од лекар и бев упатен на Клиниката за Урологија. На Клиниката за урологија беа направени сите потребни испитувања и се постави сомневање за тумор на десниот тестис. По направените прегледи, наодот на тестот за туморски маркери беше позитивен т.е маркерите беа покачени. Во септември 1998 беше направена првата операција каде беше остранет десниот тестис. Сакам да напоменам дека по операцијата, материјалот беше однесен на дополнителни испитувања кај патолог. За жал од тука се виде дека станува збор за ембрионален тумор на десниот тестис.

Направив неколки месеци пауза, по што следуваше втората поголема операција. Операцијата се случи во февруари 1999 година. Беше направена т.н. ретроперитонеална лимфаденектомија, при што ми беа беа остранети лифните жлезди во абдоменот. Оваа операција се препорачува за да се спречи ризикот од ширење на тумурот низ целото тело. Операција траеше 7 часа, и беше со целосна анестезија. Во болница, на Оддеот за Урологија, останав 23 дена а после тоа бев пуштен на домашно лекување. Во меѓувреме направив уште едно испитување на тумурските маркери и истите беа во нивните нормални граници.

Откако помина операцијата во мај 1999 година, бев упатен на Институтот за радиотерапија и онкологија каде ја продолжив терапијата со четири циклуса на хемотерапија. Туморските маркери по завршување на хемотерапијата беа сведени на минимум т.е. беа во дозволените граници.

Правев редовни контроли во почетокот на секои 3 месеци а потоа на 6 месеци и се беше во ред. Контролите се состоеа од испитување на туморските маркери, ехо на абдомен, компјутерска томографија на абдомен и немаше никакви промени, значи се беше ок.

Во јануари 2004 година се случи тоа што никој не го очекуваше. Во пределот на левиот тестис го почуствував истото што го почуствував во летото 1998 година. Истата болка, воспаление и деформации кои се јавија на самиот тестис. Веднаш беа направени потребните испитувања. Тие покажаа дека се работи сега за тумор на левиот тестис. Повторно отидов на операција, при што ми беше отстранет и левиот тестис. Во Февруари 2004 година по препорака на урологот бев упатен на Клиниката за Онкологија и Радиологија кај Др. Лилјана Ацева – Андонова, која ме прими на најдобар можен начин. Нејзе и ја објаснив целата историја на болест и таа одлучи повторно да се продолжи со хемотерапија. Хемотерапијата ја примав секој ден, амбулантски, во дневната болница на Институтот. Примив 3 циклуса на хемотерапија. Туморските маркери беа сведени на минимум уште по првата хемотерапија.

Еве поминаа скоро 7 години од последната хемотерапија. Редовно ги правам сите потребни контроли и до сега резултатите се добри.

Јас во моментов и покрај сите работи низ кои поминав, бидејќи сум еден од ретките случаи каде туморот се појави на двата тестиси, се чуствувам одлично. Немам никакви предрасуди дека нема да можам да створам своја фамилија, напротив јас покрај себе имам прекрасна личност со која планирам за брзо време да се оженам и планот заеднички ни е да имаме три деца по пат на ин витро оплодување.

Оваа прилика ја користам да изразам јавна благодарност на целиот персонал од Клиниката за Урологија и Институот за радиотерапија и онкологија, а првенствено на мојата почитувана докторка Лилјана Ацева-Андонова која неуморно работеше секојдневно на нашите проблеми. Дури и за време на нејзините годишни одмори, таа ни стоеше на располагање и секогаш го изнаоѓаше правото решение. Голема благодарност до целиот персонал на дневната болница и лабораторијата на Институтот за радиотерапија и онкологија, бидејќи нивниот однос кон сите пациенти е на највисоко ниво. Тие несебично ја даваат својата помош на секој можен начин и за ова што јас денес сум на овој свет заслужни се тие.

Вистинска приказна на пациент излечен од рак на простата

Роден сум во Скопје, каде што живеам и работам. Сé до мојата 62 година од животот немав проблеми со здравјето. Но, постепено почнав да имам проблеми со мочањето. Во почетокот тоа беше само почесто мочање, посебно ноќе, па морав да станувам неколку пати во текот на ноќта. Потоа, мочањето ми стана почесто и во текот на денот, а млазот на мочта стана послаб.

Имав тешкотии со започнувањето на мочање и имав чувство како да не сум се домочал. Сето ова ме натера да се јавам на лекар.

Бев упатен на Клиниката за урологија во Скопје, каде беа направени потребните испитувања. Првите испитувања беа: преглед на простатата преку чмарот и испитување на ПСА во крвта. ПСА ми беше 11нг/мл. Тоа го наведе мојот уролог да се посомнева за тумор на простатата и предложи дополнителни испитувања.

Бев упатен на ехотомографски преглед на простатата, при кој се виде тумор во жлездата. Беше предложена биопсија од туморот. По направената биопсија, наодот од патологот покажа дека се работи за аденокарцином на простатата, за Т1 тумор, а Глисоновиот збир ми беше 6.

Потоа направив компјутерска томографија на абдоменот, рендгенска снимка на белите дробови и скен на коските. За среќа, испитувањата покажаа дека болеста не се проширила.

По поставената дијагноза, урологот ми ги објасни двете можности за терапија. Требаше да одлучам дали ке направам операција, или пак, ќе одберам зрачење и хормонска терапија. Ми беше посочено дека и двете терапии даваат скоро исти резултати. Јас се одлучив за зрачна и хормонска терапија.

Бев упатен на Институтот за радиотерапија и онкологија. Мојот онколог ми објасни се за терапијата која што требаше да ја примам. Разговаравме повеќе од половина час и по разговорот веќе ми беше јасно како се изведува зрачната и хормонската терапија и кои проблеми може да ми се јават од неа. Тој разговор многу ми помогна да можам полесно да ја поднесам терапијата.

Во почеток примав три месеци хормонска терапија, а потоа започна зрачната терапија. Хормонската терапија одеше напоредно со зрачењето и траеше вкупно 6 месеци. По примањето на 2 циклуси на хемотерапија, нивото на ПСА во крвта ми се нормализира.

Зрачењето добро го поднесов. При крајот на третманот имав повремени проливи и печење при мочањето, но мојата докторка ми објасни дека тоа се нормални последици од зрачењето и дека со завршувањето на зрачењето, тие постепено ќе поминат. За време на зрачењето внимавав на исхраната, јадев лесна и варена храна, па и проливот се изгуби.

По завршувањето на зрачењето и хормонската терапија, ПСА во крвта ми беше 0.04нг/мл.

Од терапијата поминаа 4 години, јас се чувствувам добро. Одам на редовни контроли, на секои 3 месеци, кај мојот онколог. ПСА во крвта е во нормални вредности, а ехото на простатата е уредно.

Во почетокот, кога дознав дека имам рак на простата, бев преплашен и мислев дека е готово со мене. Онкологот ме убедуваше дека ракот на простатата во мојот стадиум може комплетно да се излекува. И навистина беше во право.

извор:рак.мк

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top