Free songs
Home / Болести и лечење / Афтите ќе ги победите со витамините Б

Афтите ќе ги победите со витамините Б

Како најчести причинители за појавување афти се сметаат стресот, нарушениот имунолошки статус, слабокрвноста, болестите на желудникот и на цревата. Афтите се ранички во устата кои често може да се појавуваат, па дури и неколкупати годишно. Многу се болни и најчесто се појавуваат на слузницата на долната усна, на дното на усната шуплина и на долната страна на јазикот.

Од афти страдаат околу 20 отсто од населението во светот. Најчесто се појавуваат кај жените. Не е разјаснета вистинската причина за настанувањето на афтите и се наведуваат повеќе предизвикувачи, но најчесто се спомнуваат стресот, нарушениот имунолошки статус, слабокрвноста, болестите на желудникот и цревата.

Зошто се создаваат?

aftaСпоред начинот на кој се формираат, може да се сместат во групата автоимуни болести поради создавање антитела на клетките на оралниот епител. Но, сепак, не претставуваат класична автоимуна болест бидејќи имаат карактеристика да се појавуваат и да се губат спонтано.

Постојат и други причини што играат улога во појавувањето на афтите, на пример, гените се сметаат за една од најважните причини бидејќи 40 отсто од заболените имаат некого во фамилијата кој боледува од афти.

Ако двајцата родители имаат афти, постои можност до 90 отсто и детето да ги добие. Емоционалниот стрес исто така може да поттикне избивање афти бидејќи зголеменото излачување на хормонот кортизон го ослабнува имунолошкиот систем. Кај некои жени регистрирана е појава на афти во текот на втората половина од менструалниот циклус, но с` уште не е разјаснета врската меѓу афтите и влијанието на ендокриниот систем. Кај 20 отсто од луѓето кои боледуваат од афти утврдено е дека имаат недостиг на витамин Б 12, фолна киселина и железо.

Со надоместување на овие нутриенти состојбата значително се подобрува. Грицкањето на усните, повредувањето со четкичката за заби или некои други трауми на слузницата исто така може да бидат причина за појава на афти кај луѓето што имаат предиспозиции за тоа.

Гастроинтестиналните болести, како што се Кроновата болест и улцерозниот колитис, може да предизвикаат појава на афти бидејќи кај тие болести е намалена апсорпцијата на витамини и минерали во организмот. Според некои истражувања, афтите често може да се појават и кај луѓе на кои им е дијагностицирано присуство на бактеријата хеликобактер.

Три клинички облика

afta– Мали афти (афти минор) кои се појавуваат на слузницата на образите или на усните, помали се од еден центиметар и траат во просек од седум до четиринаесет дена. Еден или два дена пред појавата на слузницата може да се почувствува печење или чешање. Местото на кое избива афтата најпрвин е црвеникаво и болно, а потоа се појавува тркалезна рана.

– Големи афти (афти маиор) може да траат и до шест недели, побавно заздравуваат бидејќи станува збор за подлабока раничка која заздравува со лузна.

-Афти слични на херпес (херпетиформни афти) се мали ранички кои најчесто се појавуваат на слузницата под јазикот, на слузницата на образот, зафаќаат поголема површина и болат. И покрај тоа што нивната клиничка слика е слична со вирусната инфекција херпес симплекс, (затоа го добиле името), познато е дека вирусот херпес симплекс не предизвикува афти.

Лекувањето е главно симптоматско

Лекувањето на афтите се сведува на зајакнување на имунитетот, намалување на болките и забрзување на заздравувањето на раните на слузницата.

Се препорачува одбегнување пасти за заби кои содржат натриум лаурил сулфат бидејќи ја иритираат слузницата, поттикнуваат појава на афти и го забавуваат нивното заздравување. Да се користат меки четкички за заби за да се одбегнат дополнителни повреди на слузницата и на усната шуплина.

Користењето на некои додатоци во исхраната може да помогне во заздравување и поретка појава на афтите. Такви додатоци се витамините од групата Б, од кои најзначаен е Б1 дозиран по 300 мг на ден, Б2 дозиран по 20мг на ден и Б6 дозиран со 150 мг на ден. Аминокиселината лизин се покажала како многу добра во олеснувањето на тегобите и тоа во доза од 1.000 мг со секој оброк додека траат тегобите и 500 мг со секој оброк во текот на една недела по повлекувањето на симптомите.

Внимавајте на исхраната

Промената на исхраната исто така може да биде од голема корист. Се препорачува да се консумира што повеќе зеленчук и житарки како природен извор на витамини и минерали. Внесувањето поголеми количества јогурт покажало позитивно дејство поради присуството на ацидофилните бактериски култури што помагаат при заздравувањето на афтите. Пожелно е да се одбегнува употреба на крута храна како двопек, корки, леблебии, чипс поради предизвикување болка и надразнување на афтите.

Треба да се одбегнува и зачинета лута храна, кисели јадења, жестоки и жешки напивки. За да се спречат секундарните инфекции, може да се користат антибактериски раствори за плакнење на устата, на база на октенидин или хлорхексидин. Плакнењето може да биде многу корисно и се препорачува два-три пати на ден. Антибактериските раствори со вкус на ментол имаат двојно дејство – антисептикот го намалува количеството штетни бактерии и го спречува развојот на инфекцијата, а ментолот пријатно разладува и дејствува благо аналгетски. Треба да се јавите на лекар ако болката е толку голема што и пиењето течности ви претставува проблем, ако во устата имате повеќе од четири афти и ако тие траат повеќе од две недели.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top