Home / Болести и лечење / Зарази, стомачни болки, салмонела, ешерихија – Без рехидратациска сол не тргнувајте на пат

Зарази, стомачни болки, салмонела, ешерихија – Без рехидратациска сол не тргнувајте на пат

Во најтоплите месеци од годината во нашите климатски услови настинките се исклучително ретки, но не и акутните нарушувања на исхраната. Високите надворешни температури се погодни за појава на инфекции што ги предизвикуваат патогените цревни бактерии, како што се салмонелата и Escherichia coli, шигела (која предизвикува дизентерија). Изворот на заразата обично е загадената храна, а инфекциите почесто се случуваат на патување. Кон крајот на август и на почетокот од септември почнува и сезоната на ентеровирози, кои се одговорни за повеќето фебрилни состојби кај децата, но и кај возрасните, а нивните причинители влегуваат во групата на цревни вируси.

dete bolki stomakБолки во стомакот

Детето се жали на болки во стомакот, температурата може, но и не мора да биде зголемена, често повраќа, а празнењето е во вид на пролив и зачестено. Ваквата состојба може да потрае и повеќе дена, што заедно со високите надворешни температури може да доведе до значително губење на течноста и до дехидратација. Ентеровирусите може да предизвикаат цела низа симптоми – од висока температура, која не трае долго, до епизоди со повраќања и проливи, болки во грлото, с` до сериозен менингитис.

Течности и минерали

Надоместување на течностите е првото правило за лекување. Со проливот детето губи голема количина минерали, па затоа, освен течноста, треба да се додадат и минерали (натриум, калиум, хлориди, бикарбонати) и гликоза. На пат никако не треба да се тргнува без неколку кесички со орална рехидратациска сол (Humana Elektrolyt, на пример), која треба да се раствори во еден литар извриена вода и потоа оладено да му се даде на детето. А бидејќи цревните нарушувања често се проследени со повраќање, течноста треба да се дава внимателно лажиче по лажиче бидејќи ако наеднаш испие поголема количина, повраќањето може само да се влоши. Зависно од состојбата на малиот пациент и од причинителот на болеста, лекарот ќе препише антибиотик дури по добиената анализа на изметот. Лекувањето со антибиотици се спроведува целно и не се препишува при секоја цревна инфекција, дури и ако е предизвикана од бактерија. Во лекувањето на ентеровирозите важен е надоместокот на течностите и на антипиретиците за снижување на температурата.

Превенција од заразите

Многу важно е да се почитуваат некои правила во подготовката и чувањето на храната во летните месеци. Големо внимание обрнете на миењето на овошјето и зеленчукот.

inside-air-duct-pollen-dustmite klima bakteriiНожот со кој сте сечеле зеленчук или свежо месо (пилешко, на пример) треба добро да се измие по употребата и пред повторно да го користите за сечење други продукти.

Продуктите во фрижидерот треба да бидат строго одвоени – посебно млечните од немлечните и суровите од готвените. Особено треба да се избегнува водата што се кондензира да тече од еден продукт врз друг. Никогаш повторно не замрзнувајте ја храната која еднаш била одмрзната. Јајцата треба да се чуваат во посебен оддел за да не дојдат во допир со другата храна.

Доколку имате намера со дете да патувате во краишта со многу топла клима, како што се тропите и суптропите, обезбедете доволна количина пивка вода спакувана во пластични шишиња. Никогаш не додавајте коцки мраз во водата бидејќи не знаете од каква вода се направени. При изборот на храна секогаш водете сметка да е добро сварена и по секоја цена избегнете го купувањето во киосци или на отворено бидејќи не можете да бидете сигурни дали е хигиенски приготвена. Не купувајте слатки со шлаг и крем. Децата, особено ако се гладни, ги привлекуваат мирисите што се шират наоколу. Но мора да издржите и да не им ги задоволите барањата. Хигиенски се најисправни слатките и сладоледите на големите произведувачи, кои се соодветно спакувани. Овошјето измијте го и потоа внимателно излупете го пред да му го дадете на детето.

Дневник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top