Големиот култ на светителката одамна е присутен во Скопје, и таа имала огромна улога во верскиот и духовниот живот.
Денес во црквата “Света Петка” се наоѓа една чудотворна икона. Таа се чува во олтарот на храмот. Приказната како чудотворната икона со исцелителна моќ се нашла во црквата е особено интересна. Според постојните записи во црковните гласила, приказната е поврзана со скопјанката Фаница Нанчева, родена во 1915 година.
Во 1941 година таа се вселила во станот на еден свештеник, кој заминал за Србија. При разгледувањето на подрумот на станот, открила необична икона, за која никој не знаел дека постои, а била оставена од свештеникот. Иконата, која ја претставувала пресвета Богородица, била насликана во дрво и завиткана во епитрахил. Новата сопственичка ја ставила иконата. заедно со двете други, во еден агол од нејзината соба. Покрај нив постојано горело кандило.
И тогаш започнале да се случуваат чудни нешта. Ноќе, необичен звук и тропање се слушале од местото каде што се наоѓала иконата на света Богородица. Една ноќ, сопственичката забележила како сребрена монета паѓа од иконата. Тоа бил чуден звук на паричка од нематеријална природа. Едно утро, кога се разболела, од очите на иконата потекле солзи. Таа не можела да поверува во глетката, сe додека солзите не ги собрала во еден сад.
Подоцна иконата многу пати ја покажала својата чудотворност. За заздравување на болните деца или за добивање пород на бездетните брачни двојки, откако ќе се помолеле пред неа. Сопственичката го послушала советот на тогашниот старешина на црквата “Света Петка” Ацо Стојковски, и иконата ја предала во божјиот храм. Иконата и денес се наоѓа таму.