Докторите во Југра, мало гратче во западен Сибир последните три години успешно извршија 34 трансплантации на матични клетки. Тие со матичните клетки лекуваат рак на крвта, а експертите објаснуваат дека со овие клетки може да се изградат сите други клетки. Пациентите се во добра здравствена состојба, но докторите не го кријат фактот дека постои голем ризик.
Трансплантацијата на матични клетки е денес единствената метода во цел свет која овозможува добри резултати. Таквото лечење чини околу 420.000 долари, но во Југра таа операција се прави бесплатно. Средствата ги обезбедува локалниот буџет.
Пред три години Дмитриј Кудашкин стана првиот пациент во Југра, на кој му беше извршено пресадување на матични клетки. Нему на 32 години му била поставена дијагнозата мултипла миелом – едно од најтешките заболувања на крвта. Практично немал шанси. Но, после операцијата во Југра сè се промени.
Матичните клетки ги има во секој организам. Додека човекот спие, овие клетки работат на обновување на повредените ткива и органи. Со тек на годините, нив ги има сè помалку. Кај новороденчињата, во папочната врвца пропорцијата на овие и други клетки изнесува еден спрема 10.000, во 16-та година од животот изнесува 1:500.000, а кај 50-годишните личности – 1 спрема милион.
Југриските доктори со матични клетки работат повеќе години. Во соседниот град отворена е банка за матични клетки. Клетките таму се чуваат во течен азот на температура од минус 196 степени. По потреба можат да бидат искористени и по неколку десетици години.
Издвојувањето на матичните клетки од кожното ткиво, масното ткиво и од фоликулите на влакната е многу комплицирано и скапо, така што треба да се зачува резервата која природата му ја дала на човекот, а која се наоѓа во папочната врвца. Меѓутоа, папочната врвца, денес, по пораѓањето, се уништува. А токму од неа е најлесно да се одвојат матични клетки.
Ако човек има проблеми со здравјето, доволно е овие клетки да се вметнат во неговата крв и тие самите ќе го пронајдат проблематичното место. Во 100% од случаите тие се ефикасни, а ефикасни се и доколку се применат кај братот или сестрата од сопственикот на клетките.