Американските научници развија тест на крвта кој може да предвиди дали одредена личност може да посака да се самоубие. Истражувачите откриле дека варијациите на еден – единствен ген може да се користат за да се предвиди дали некој човек е склон да го прекине сопствениот живот.
Овие мутации се забележуваат преку едноставен крвен тест, кој им овозможува на професионалците да интервенираат, пред да биде премногу доцна. Тестот може да се користи во војската, пред да одат на мисија во воена зона, или за да се провери дали тие се изложени на ризик од самоубиство.
Научниците од Универзитетот Џонс Хопкинс во САД откриле дека генот SKA2 престанал да функционира правилно кај луѓето со ризик од самоубиство. Генот е одговорен за регулирањето на нивото на хормонот на стресот кортизол. Преку тест на крвта може да се утврди кои луѓе се изложени на најголем ризик од самоубиство со точност од 90%. Генот SKA2 е откриен во префронталната кора на мозокот. Тој ги спречува негативните мисли и го контролира импулсивното однесување. Ако нема доволно количество од овој ген или ако тоа биде променето, телото не може да го контролира нивото на кортизол.
Претходни истражувања покажуваат дека луѓето кои се обиделе да се самоубијат, имаат големи количества кортизол во организмот.