Бруксизам е стручен израз за прекумерно, форсирано стискање и шкрипење на забите. И покрај тоа што шкрипењето може да се случи во секое време од денот, сепак најголем број луѓе шкрипат додека спијат. Оваа навика често е поврзана со емоционален стрес, анксиозност, страв или замор при што стискањето на забите е несвесно проследено со силни движења на долната вилица лево-десно, напред-назад при што доаѓа до шкрипење и трошење на забите. Бруксизмот е честа појава која се појавува кај возрасни и кај деца без разлика на полот. Пишува д-р Нина Митева, стоматолог…
Зошто бруксизмот може да преставува сериозен проблем?
Хроничното шкрипење со забите може да предизвика трајно оштетување на забите вклучувајќи пукање на забната глеѓ, излижани (изабени) забни површини, расклатени заби, скршени заби или забни коронки, како и оштетување на потпорното ткиво околу забите и пореметување и болки во виличниот зглоб.
Доколку ништо не се превземе против оваа штетна навика, наречена бруксизам таа може да доведе и до јако осетливи заби, болки во зглобовите, ушите и тапи главоболки.
Како да откриете дека шкрипите со забите?
Бидејќи шкрипењето се јавува ноќе повеќето пациенти не се свесни за овај проблем додека партнерот не ги опомене или додека не почувствуваат некој од симптомите.
Доколку се посомневате обратете се кај својот соматолог за да ги санира настанатите и да ги спречи подоцнежните оштетувања.
Совети и терапија
Избегнувајте храна и пијалаци кои содржат кофеин, чоколада и кафе, избегнувајте го алкохолот. Не џвакајте моливи и пенкала и редуцирајте ја употребата на гумите за џвакање.
Во консултација со стоматологот во зависност од возраста и степенот на штетата ќе се преземат соодветни мерки.
Најчесто се препорачуваат миорелаксантни лекови, релаксациони вежби, ортодонтска терапија и најупотребувани се силиконски штитници за заби night-guard tray .