‘Ркулците се преполни со витамини, белковини и со растителни влакна, калциум, цинк, железо и со магнезиум и се вистински извор на виталност, а за да уживате во нивниот вкус, доволно е да им посветите само неколку дена внимание.
‘Ркулците, било да се шарени, бледи или зелени, исклучително се здрави. Колку што никулецот е помал, толку концентрацијата на витамините А, Б, Ц, Д, Е и К во нив е поголема. Богати се со белковини (особено никулците на мешунките) и содржат многу минерали, како што се калциум, цинк, железо и магнезиум. Изобилуваат со растителни влакна и со микроелементи, а сиромашни се со јаглеродни хидрати. Порција никулци на ден го надополнува недостигот на хранливи материи и на витална енергија.
ЗА КОЖНИ БОЛЕСТИ, ДИГЕСТИВНИ ПРОБЛЕМИ, БОЛНИ МУСКУЛИ
Нашите предци често користеле изртени никулци. Житото што стоело во снопови и во стогови на отворените полиња, каде што ноќе било влажно, а дење топло, ‘ртело уште пред да почне да се лупи и да се става во амбарите. Исто така, со векови се произведувало пиво од сладот на изртените житни растенија. Од никулците на пченицата на Блискиот Исток се правело булгур. Некогаш и на коњите им се давала изртена зоб за лекување на неплодноста.
Кинезите први ги препознале лековитите својства на фиданките на различни семки, уште пред 5.000 години. Никулците се применливи и во лекување на разни болести, меѓу останатите и кожни заболувања, дигестивни проблеми и болни мускули. Тие на своите прекуокеански патувања носеле мунго грав и ги јаделе неговите никулци. Чувствувале дека тие им даваат голема енергија. Можеби тогаш не знаеле дека така инстиктивно се борат против недостигот на витамин Ц. Одредени семиња немаат витамин Ц. се додека не изртат.
ШТИТАТ ОД ЗРАЧЕЊЕ И ОД ТОКСИЧНИ ХЕМИКАЛИИ
Пред дваесетина години почнале да се прават првите научни истражувања, со кои е потврдено моќното дејство на никулците. До денес е откриено дека никулците се вистински витаминско-минерални бомби, чија искористливост е далеку поголема од витаминските додатоци добиени по синтетички пат.
Не содржат токсини, ниту холестерол, а имаат само малку калории. Исклучително се богати со ензими, растителни влакна и со протеини, кои брзо се претвораат во енергија. Ако ги оставиме да растат на светлина, ќе содржат и хлорофил, кој се однесува како чистач на крвта. Со честото консумирање никулци се штитиме од зрачење и од токсични хемикалии. Никулците се богати со антиоксиданси, а никулците на брокулите посебно се издвојуваат како силно оружје против дегенеративните болести.
УБАВИ И ВКУСНИ
Има голема разлика во вкусовите и во структурата на никулците. Кои никулци ќе ги изберете е прашање на вкус. Нивната примена во кулинарството е широка. Најпрактично е да се јадат свежи, во салата, сендвичи, намази, ладна супа или во тортили. Свежите никулци се пикантни и крцкави. Никулците на мешунките треба да се сварат бидејќи со варењето се зголемува концентрацијата на белковини. Шарените никулци, како што се никулците на цвеклото, шпарглите и на црвената зелка, се идеални за украсување на јадењата. Нивниот вкус е поизразен ако кратко ги пропржиме во вог-тава. Додајте ги во сосови, супи (на крајот од готвењето) и на пица. Во фрижидер може да ги чувате свежи и до две недели. Пред да ги ставите во фрижидер, добро исушете ги бидејќи ако им остане и малку влага, бргу ќе скапат.
БИОГРАДИНА – ЧЕКОР ПО ЧЕКОР
Никулците може да ‘ртат во текот на целата година. Единствено што ќе ви треба е широк стаклен сад или посебно место за ‘ртење што може да го направите сами.
Важно е семето да биде органско и наменето за одгледување никулци бидејќи обичните семки честопати се хемиски третирани, исполирани, излупени, па дури и избелени. Така обработените семки ја губат моќта на ‘ртење и затоа не се препорачуваат. Семките чувајте ги на суво и ладно место пред да ги употребите. При ‘ртењето комбинирајте различни видови семки, кои имаат слично време на “ртење и на траење.
Пред ‘ртењето семките измијте ги. Најдобра температура за ‘ртење е онаа меѓу 20 и 25 степени. Големината на добиените никулци се разликува, а важно е да знаете дека пред консумирањето треба да ги измиете со ладна вода за да се отстранат мирисот и нечистотиите.
Многу луѓе гледаат со недоверба кон начинот на одгледување, кој според влагата и топлината е идеален за развој на микроорганизми. Но, ако строго се придржувате до упатствата, што вклучуваат плакнење на никулците, но и да се потпирате на сопствените сетила, односно на видот, мирисот и на вкусот, нема да имате проблеми. Ако и понатаму се сомневате, консумирајте термички обработени никулци.
* КОЕ СЕМЕ ДА СЕ ИЗБЕРЕ?
Може да се одгледуваат никулци на разни семиња:
– Билки од семејството луковици: црвен кромид, лук, поточарка и праз – имаат вкус на кромид, но значително поблаг, посуптилен. Може да се користат како зачин за салати.
– ‘Рдоква, марула, брокула, црвена зелка – пикантни се.
– Жито: зоб, пченица, пченка, киноа, амарант и хељда – сочни се и сладникави. Често се додаваат во кашите за појадок, потоа во тестото за леб, во варен зеленчук.
– Леќа, леблебија, зелена соја (мунго-грав), азуки-гравче – имаат освежувачки вкус и се крцкави.
Одлични се за супи, варила и за салати.
– Тиква, кикиритки, сончоглед, сусам – имаат карактеристичен вкус на масло.
– Детелина, цвекло, алфа алфа – благ, по малку неутрален вкус, па може да се приготвуваат на разни начини.
– Коријандер, коморач – карактеристичен вкус на растение.
Единствено никулците на доматите, пиперките, морковите и на компирот не се за јадење, дури ни сварени.
Во многу европски земји се продаваат интересни традиционални мешавини, како што се енергетска, астечка, германска и римска мешавина.
* ОДГЛЕДУВАЊЕ
Може да ги одгледувате во специјални садови за ‘ртење или на подлога од вата или, пак, во стаклен сад.
* НА ВАТА
Руколата и босилекот бараат традиционален начин на одгледување, во кој како подлога се става вата или кујнска хартија. Пластичниот сад или плиткиот стаклен сад прекријте ги со дебел слој вата или кујнска хартија. Рамномерно посејте го семето, не прегусто и наводнете го со млака вода со помош на прскалка за вода. Садот покријте го со темна хартија или со пластична фолија и оставете ги семките да изртат. Ватата или кујнската хартија одржувајте ги влажни, но не премногу натопени со вода. Кога ќе изрти семето, обично по два дена, откријте го садот и ставете го на светло место, најдобро покрај прозорецот така што никулците да растат кон светлото и да добијат зелена боја. Наберете ги кога ќе ја достигнат посакуваната висина.