Истражувачите на „American Stroke Association’s International Stroke Conference“, го претставија лекот апиксабан, нов анти агрегациски лек, што се покажал подобар од аспиринот во превенција од мозочен удар кај пациенти со атријална фибрилација (АФ) кои не биле во состојба да земаат посилни лекови.
Атријалната фибрилација е пореметување на срцевиот ритам што може да предизвика создавање крвни згрутчувања што го зголемуваат ризикот од мозочен удар.
Истражувачите проучувале 5.600 пациенти со атријална фибрилација, од умерен до висок ризик од мозочен удар и не биле подготвени или не можеле да земаат орална антикоагулантна терапија како што е варфарин. До 50 отсто од сите болни со АФ, со умерен или висок ризик од мозочен удар, се несоодветни за лекување со лекови како што е варфарин.
– Ако овие резултати бидат потврдени од страна на идни студии, сметам дека ова е крај за Аспиринот како лек за спречување мозочен удар кај пациенти со атријална фибрилација, изјави др. Ханс Кристоф Диенер, професор и претседател на Одделението за неврологија, во Универзитетската болница во Есен во Германија.
Конкретно, истражувачите утврдиле појава на шлог или системски емболиски настани кај 51 од 2.808 пациенти кои земале апиксабан во однос на 113 од 2.791 пациент кои земале Аспирин.
– Апиксабан бил многу супериорен во однос на аспиринот, рече Дениер. – Не очекувавме дека апиксабан ќе покаже толку голема разлика во споредба со аспиринот, а да не покажува значителен раст на крварењето. Сите очекуваа дека посилен лек како апиксабан ќе биде поврзан со потешки компликации на крварењето во однос на аспиринот, но не е, додаде тој.