Пациенти со белодробна хипертензија се жалат на болка во градите, која може да се шири кон вратот и, веројатно, е последица на недоволно крв во десната комора и растегнување на белодробната артерија
Белодробна хипертензија претставува зголемен притисок во артерискиот дел на белодробната крвна мрежа, чија причина не е позната. Поради ова, овој вид хипертензија се нарекува идиопатска, есенцијална, а најчесто примарна.
Причина за настанувањеИако, причината за пулмоналната хипертензија не е позната, многу фактори доведуваат до оваа болест. Како можни причинители најчесто се наведуваат повторувачки некарактеристични ситни белодробни емболии кои се растураат во зафатениот дел од градниот кош и го отежнуваат или намалуваат протокот на крвта на тој дел од белите дробови. Со повторување на белодробни емболии се нарушува дел по дел на белодробната мрежа со што се отежнува протокот на крвта и се зголемува притисокот. Исто така, се смета дека тромбоемболиски процеси во ситните белодробни артерии може да настанат и во самите белодробни алвеоли со појавата на тромбозата.
Во последно време се претпоставува дека основното нарушување може да биде дисфункцијата на еднотелот – внатрешниот ѕид на белодробните крвни садови. Кај некои случаи белодробната хипертензија е последица на паразитни заболувања како што е шистозомијаза или филаријаза или повеќекратна тромбоза на белодробната артерија. Опасни се и други причинители меѓу кои колагени васкуларни болести, потоа употребата на анорексични средства, како и од алкалоиди во растителни чаеви, па орална контрацепција која предизвикува хиперкоагубилна состојба.
Симптоми
Пациенти со белодробна хипертензија се жалат на болка во градите, која може да се шири кон вратот и, веројатно, е последица на недоволно крв во десната комора и растегнување на белодробната артерија. Некогаш јаката болка може да биде и предизвикана од дисекција, раскинување на главната белодробна артерија. Други симптоми се слабост, замор, диспнеја (отежното дишење) при напор и синкопа (краткотрајно губење на свеста). Проширената белодробна артерија може да врши притисок на левиот нерв на гркланот и да предизвикува засипнатост. Ретко се јавуваат кашлица и хемоптизија (искашлување крв). Често настапува неочекувана и необјаснета смрт. Крајната фаза на болеста обично се карактеризира со инсуфициенција на десниот дел од срцето. Во подоцнежниот тек на болеста може да се јават знаци на слабост на десната комора на срцето, потоа хепатомегалија – зголемен црн дроб, периферни отоци и асцит собирање течност во стомакот. Кај некои пациенти се јавува периферна цијаноза – помодрување.
ДијагнозаСе поставува врз база на земање податоци од болниот, клиничка слика, клинички преглед, рентгенографија на срце и бели дробови, ЕКГ, катетеризација на срцето и ултарзвук.