Бадемот е водечки извор на витамин Е, моќен антиоксиданс, кој го намалува холестеролот во крвта од 8 до 12 отсто. Само 45 грама бадеми дневно го намалуваат ризикот од срцеви болести Поради изобилството со хранливи материи, бадемот е предмет на многу истражувања со кои се утврдени многу позитивни ефекти. Списанието Circulation на американското здружение за срце објавило клинички истражувања за намалувањето на холестеролот кај лицата што консумираат бадеми.
Во истражување објавено во списанието International Journal of Obesity and related Metabolic Disorders, утврдено е дека нискокалоричната диета збогатена со бадеми влијае на намалувањето на тежината. Бадемите имаат големо количество манган и бакар, кои се важни за активноста на оксидативниот ензим кој го спречува дејството на слободните радикали. Манганот учествува во процесите на добивање енергија од протеините и јаглеродните хидрати и учествува во синтезата на масните киселини, важни за одржување здрав нервен и ендокрин систем. Му помага на телото да искористи неколку клучни хранливи материи како што се биотинот, тиаминот, аскорбинската киселина и холинот. Ја одржува цврстината и здравјето на коските, нормалното ниво на крвниот притисок и ја поттикнува оптималната работа на штитната жлезда.
Бадемот е богат со магнезиум, кој е важен за опуштање на артериите и го подобрува протокот на кислородот и нутриентите во организмот. Според истражувањата, недостигот на магнезиум влијае на зголемениот ризик од срцев удар и оштетување на срцето поради слободните радикали. Бадемите се и одличен извор на калциум за лицата што се алергични на млеко и на млечни производи. Содржат повеќе калциум и диетални влакна од кој било друг јаткаст плод. Триесет грама бадем содржат исто количество калциум како и 1/4 шолја млеко. Белковините во бадемите имаат добар распоред на аминокиселините и може да ги заменат од млекото, па задолжителен дел се од вегетаријанскиот начин на исхрана. Флавоноидите што ги има во кожичката на бадемот заедно со витаминот Е го удвојуваат антиоксидативното дејство, се наведува во истражувањето објавено во Journal of Nutrition. Во кожичката на бадемот се откриени 20 моќни флавоноиди, кои ги има и во зелениот чај.