Home / Болести и лечење / Страдате ли од опструктивна ноќна апнеа?

Страдате ли од опструктивна ноќна апнеа?

Опструктивната ноќна апнеа (OSA – obstructive sleep apnea) е најчестото пореметување на дишењето во текот на спиењето кое го намалува квалитетот и го загрозува живот на повеќе од 4% од возрасната популација. Според податоците на Светската здравствена организација околу 100 милиони луѓе во светот страдаат од оваa болест.
osaНоќната апнеа се карактеризира со прекини или потешкотии при дишењето за време на спиењето, предизвикани од блокада на дишните патишта. До колабирање на дишните патишта за време на сонот може да дојде поради различни причини – намалување на тонусот на мускулите на грлото и дишните патишта, зголемено ткиво, преголем јазик и друго. Во текот на еден час од спиењето, кај овие луѓе може да се јават од  5 до стотина и повеќе прикини во дишењето. Секој прекин, кој може да трае од 10 секунди, па сѐ до една минута, предизвикува намалување на дотокот на кислород до виталните животни системи и органи, меѓу кои и до мозокот и срцето.
OSA најчесто се јавува кај мажи и претерано дебели луѓе, иако од неа може да заболат и жени и деца. Најчести симптоми на опструктивна ноќна апнеа се: гласно, вознемирувачко рчење, гушење или „борење“ за воздух во текот на сонот, нагласена, хронична поспаност во текот на денот, утрински главоболки, проблеми во памтењето, концентрацијата и учењето, раздразливост и неможност за концентрација при работата, промени во расположението и карактерот на личноста, неретко и чувство на депресија, суво грло после будењето и често мокрење во текот на ноќта.
Доколку не се лекува, OSA може да го зголеми ризикот од појава на сериозни здравствени проблеми, какви што се: висок крвен притисок, неправилна работа на срцето и срцеви напади, мозочен удар и дијабетес. Резултатите од истражувањата укажуваат на тоа дека пациентите кај кои навремено не е откриена ноќната апнеа користат двојно повеќе здравствени услуги од останатите.
Податоците на Европското здружение за истражување на сонот покажуваат дека дури 30% од сите смртни случаи во сообраќајни несреќи во Европа се предизвикани од заспивање, што се поврзува со недостиг на сон кај возачите, покрај другото и поради ноќната апнеа. За да се спечи ова, ЕУ неодамна усвои регулатива со која наметнува обврска за задолжителен здравствен преглед на возачите за откривање на опструктивна ноќна апнеа.
Трошоците за лекување на здравствените последици кај луѓето кои се појавуваат поради нелекувана ноќна апнеа во САД се проценуваат на 3,4 милијарди долари годишно. Но, вкупниот товар врз економијата е далеку поголем поради индиректните трошоци, кои ги вклучуваат намалената продуктивност, повредите и несреќните случаи предизвикани од заспивање на пациентите со ноќна апнеа во текот на денот.
Една од главните опции при лекување на опструктивната ноќна апнеа се CPAP (Continuous Positive Airway Pressure) апаратите кои овозможуваат непречено дишење при спиењето. Апаратите овозможуваат континуиран проток на воздух преку носот со користење на маска. Воздушниот притисок кој се регулира мануелно или автоматски спречува колапс на воздушните патишта и прекин на дишењето. Компанијата „Philips“ е светски лидер во решенија за третман на ноќната апнеа, вклучувајќи и третман во куќни услови.
PlusInfo

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top